ЕКИПА во Солун,
Стеван Цаневски
Грција и Македонија ремизираа 29-29 на првиот натпревар од двомечот против Грција во Солун, откако во драматична завршница нашата селекција избегна пораз со погодокот на Ненад Костески постигнат во последните секунди од натпреварот. Македонија целосно доминираше во првиот дел, домаќините со судиска помош успеаја да го свртат резултатот во своја полза, но избраниците на Лазаров покажаа карактер во завршните секунди и стигнаа до реми.
Македонија го почна мечот со Никола Митревски на голот, Пешевски на пивот, Талески, Џонов и Велковски на бековските позиции и Кузманоски и Ненад Костески како крила. Пешевски беше стрелец на првиот гол за водство од 1-0, а на спротивната страна одлично запрен зицер од пивот имаше Никола Митревски. Грците немаа одговор во нападот, па Македонија по пет минути игра имаше предност од 0-3. Предноста ја задржавме откако Џонов погоди за 2-5, но Грците во наредните две минути заиграа подобро во одбраната и намалија на 4-5.
Џонов со гол и аситенција (до Пешевски) ја врати предноста на „плус три“ (4-7), Јагуриновски по влегувањето донесе цврстина во одбраната, по што Никола Маркоски со гол од полуконтра за првпат донесе водство од четири гола за Македонија (5-9). Одличното издание продолжи и со голот од контранпад на Атанасијевиќ за 6-11, по што во 19. минута Македонија го имаше и првото исклучување (Јагуриновски). Грција успеа да намали на 8-11, по што Лазаров побара тајмаут, а веќе во следниот напад Филип Кузмановски мина низ противничката зона и рутински реализираше за 8-12.
Кузмановски погоди еден седмерец, потоа еднаш беше и непрецизен од пенал, за „црвено-жолтите“ во последната минута од полувремето да добијат и играч повеќе по исклучување на еден домашен ракометар. Јагуриновски рутински реализираше на асистенција на Талески, па на одмор заминуваме со предност од 12-15.
Вториот дел го почнавме со две одбрани на Никола Митревски, потоа и голови на Филип Кузмановски и на Талески на спротивната страна за водство од 12-17. Следеше пад во концентрацијата на нашиот состав што противникот го искористи да намали на 15-17, пред Ѓоргиев да изнуди пенал е исклучување, по што Никола Костески беше прецизен од седум метри, прв гол на искусниот крилен ракометар на натпреварот. Во серија одбрани влезе грчкиот голман, а Лазаров по примениот гол за 17-19 на голот на Македонија го уфрли Мартин Томовски.
Грчките ракометари го искористија исклучувањето на Талески и во 44. минута намалија на еден гол негатива (20-21), а Кире Лазаров на половина од второто полувреме побара тајмаут. Советите не помогнаа премногу, па Грција израмни најпрвин на 21-21, а веднаш по голот на Јагуриновски и на 22-22. Томовски одбрани зицер од контранапад и спречи водство на Грција, по што Пешевски реализираше на спротивната страна и ја врати Македонија во предност (22-23). На десет минути до крајот, при резултат 23-24 Јагуриновски го доби третото исклучување, па Грција за само една минута постигна два гола и стигна до првото водство на мечот (25-24). Кризата се продлабочи по уште една почетнички загубена топка во нападот, по што Грците постигнаа уште еден гол во празна мрежа и поведоа со 26-24.
Мартин Велковски ја прекина серијата на противникот со важен гол и изнудено исклучување, а истиот ракометар на шест минути до крајот повторно погоди, за израмнување на 26-26. Грција постигна гол за ново водство, Лазаров побара тајмаут, но чудниот судиски критериум кој траеше цело второ полуврме на крајот го извади од кожа македонскиот селектор, по неправилно призаениот гол на Грција за 28-26, по што грчките арбитри покажаа исклучување за нашата клупа.
Пешевски погоди за 28-27, Грците имаа 29-27, но Кузмановски успеа да намали, а потоа во финишот на три секунди до крајот Ненад Костески биеше прецизно од крило за конечни 29-29.
МАКЕДОНИЈА: Томовски (1 одб), Митревски (8 одб +1 сед), Пешевски 5, Ненад Костески 2, Никола Костески 2, Ц. Кузманоски 2, Џонов 2, Талески 3, Велковски 2, Атанасијевиќ 1, Јагуриновски 3, Маркоски 2, Серафимов, Кузмановски 5, Ѓоргиев, Лазаревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА