Фудбалерите на Ливерпул застанаа зад Мохамед Салах во неговата „битка“ со стручниот штаб и клубот, пишуваат англиските медиуми.
Ливерпул минува низ најтурбулентниот период во последните неколку години. Резултатите недостасуваат, играта е под очекувањата и посакувањата, а атмосферата во тимот е во опаѓање.
Најновите информации од Англија велат дека тензиите во соблекувалната се преточиле во сериозен раскол меѓу ѕвездата на тимот Мохамед Салах и тренерот Арне Слот.
По ремито со Лидс (3-3), Салах дополнително го потресе клубот, најавувајќи можно заминување и остро го критикуваше Слот, што, според медиумите на Островот, предизвика верижна реакција. Наводно, капитенот Вирџил ван Дајк веднаш потоа свикал состанок на играчите и ги повикал своите соиграчи да го поддржат египетскиот ас. Според истиот извор, поканата била едногласно прифатена.
Набрзо бил формиран ставот на тимот: Играчите сакаат Арне Слот да ја напушти клупата на Ливерпул.
Проблемот, наводно, е длабок и не е од вчера. Салах, иако има нов договор од почетокот на годината, игра во многу послаба форма од претходно – со само четири гола и две асистенции во сезоната. Факт е дека тој повеќе не е корисен за тимот, како што беше. Сепак, целата соблекувална застана зад него, што дополнително ја комплицира ситуацијата.
Она што става дополнителен притисок врз клубот е фактот дека Салах наскоро оди на Африканскиот куп на нации. Се поставува прашањето дали ќе го одигра својот последен натпревар во дресот на Ливерпул и пред тоа?
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

