Дресот на Марадона за само еден час на аукција достигна цена од 14.000 евра

Репрезентативниот дрес кој Диего Марадона го носеше 1987 година на пријателскиот натпревар меѓу Аргентина и Италија, во само еден час достигна цена од 14.000 евра на хуманитарната аукција која ја покренаа наполитанските фудбалери Чиро Ферара и браќата Фабио и Паоло Канаваро.

Аргентина и Италија играа пријателски дуел во Цирих. За Аргентинците тоа беше прв меч по освојувањето на светската титула 1986 година во Мексико. Марадона ја предводеше Аргентина, а за Италија дебитираше Чиро Ферара на 20 години, кој со својот прославен соиграч од Наполи успеа на крајот да ги размени дресовите.

„Драг Чиро, мој пријателе и верен сопатник. Уште се сеќавам на твоето деби за репрезентацијата, против мене и мојата Аргентина. Мило ми е што тој дрес кој ти го дадов пред 33 години денес може да им помогне на луѓето во овие тешки моменти. На Неапол и Наполитанците, мојот втор дом“ – напиша Марадона на Инстаграм најавувајќи ја аукцијата.

Освен дресот на Марадона, на аукцијата се најдоа и вредни спортски експонати, дресови на бројни италијански репрезентативци. Понудите доаѓаат од целиот свет, а аукцијата која е дел од проектот „Заедно за Неапол“ е отворена до 24. април. Досега се собрани 30.000 евра само 24 часа откако тргна аукцијата.

 

Се вчитува...