ДРИБЛИНГ: Дресот е промашен – да не го промашиме и Европското!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Без потреба за многу филозофирање. Дресот на македонската фудбалска репрезентација за ЕВРО 2020 е промашен! И тука нема многу простор сега за анализи, полемики и навлегување во детали што, како и зошто…, затоа што јавноста се чини поедногласно никогаш не го кажала својот став, за што потврда е и петицијата која за помалку од 24 часа собра 15.000 потписи. Но, нека биде и јавноста оставена на страна… Очигледната збунетост на репрезентативците, токму оние кои и треба да го носат, при првиот допир со него, се чини повеќе од доволно зборува.

Факт е дека „вкусот е карактер, а карактерот судбина…“. И секој има судбински печатиран вкус. Но, да бидеме искрени, сега во овој случај не верувам дека може да се дискутира само за вкус на поединеци затоа што безмалку едногласно е размислувањето на секој кој го погледна дресот за историскиот прв настап на А-селекцијата на ЕП. Иако посебна е и приказната за нашата, пак, судбина да го слушаме преку социјалните медиуми повеќе од очајниот начин на искажување на незадоволство од било каква акција во Македонија, со навреди, клевети и експресно разработување на разно-разни теории на заговор, политички договори и постојано лепење националистички предзнак, буквално на се. И од тоа не верувам дека за брзо ќе се спасиме.

Но. Обележјата на една држава се темел поставен од самиот почеток на создавање на секоја институција. А, ако фудбалската репрезентација е една од најрепрезентативните институции за нас пред меѓународната јавност тогаш факт е дека обележјата ниту можат, ниту смеат да бидат исфрлени надвор од рамките на државните симболи. Па, и репрезентативниот дрес, и да трпи промени, едноставно мора во голема мера да биде само наследник на своите претходници, согласно традицијата, приврзаноста и обединувачкото чувство. А не како во овој случај да оди со така радикална промена!

Не знам дали ФФМ ќе го слушне гласот на јавноста и ќе го задржи досегашниот дрес за настапите на ЕВРО 2020, кој според многумина е најдобриот во досегашната историја, што сигурно е најисправно во моментов. Но, и дефинитивно ми се чини дека веќе се „покакавме“ на се што е поврзано со Европското првенство. Речиси 30 години го чекаме историското учество на едно големо фудбалско натпреварување, и ние сега најмалку се занимаваме со фудбал. Свесен сум дека оние големите одамна ги надминале „траумите“ да се занимаваат со изгледите на дресовите а нам ќе ни треба уште од тој пат. Но, Македонија да живее во амбиент на постојана политизација на фудбалот и тоа во одбран момент пред ЕП, преку „циркус-драмолетки“ кој се спомнува а кој не во навивачка химна која всушност треба да обединува, и тоа да се драматизира со онлајн јавувања на политичко-информативни медиуми до степен на меѓудржавен инцидент, па се до амбиент на лажни вести за тоа кој и како ќе бил водач на навивачите… На 14 дена пред ЕВРО 2020 фокусот да биде се само не репрезентативците, не ми мириса на добро. Затоа можеби е време да се спушти топката од сите страни. Да се остави фокусот на фудбалот. Дресот го промашивме, но тоа може и да се корегира. Ако го промашиме Европското првенство и шансата која се укажува за вистинска промоција на Македонија, тоа ќе биде болно разочарувачки. Затоа што на крајот, Европа нема да се возбуди многу од изгледот на дресот, па нека биде и со позлатени апликации на сонцето. Ама и тоа како може да ја возбудиме од фудбалската големина на терен!

ЕКИПА преку фотомонтажата на репрезентативците во своите клупски дресови, подготвена уште далеку пред да го дознаеме изгледот на новиот репрезентативен дрес, на некој начин сакаше да ја издвои различноста на секој поединец во националниот тим. Секој со својот карактер, секој со својата национална припадност, секој со своите политички и верски убедувања, секој растен и карактерно граден на различно европско тло, но еднакво обединети во националниот тим. Затоа што едно вистинско семејство е функцинално само ако умее да се носи со различностите на секој поединец во него. И тоа е убавината, и силата, на оваа Македонија!

Се вчитува...