Два моменти го одбележаа предвечерието и самиот натпревар меѓу Македонија и Словенија синоќа во Скопје. ПРВО: Самоувереноста на капитенот Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски, кои можеби по малку изненадувачки на целокупната домашна фудбалска јавност, категорично најавуваа најдобро издание на Македонија и сигурен триумф против Словенците… – на крајот, сосема оправдано. ВТОРО: Дрскоста, самобендисаноста и ароганцијата која во два дена на секој чекор ја сервираше словенечкиот селектор Матјаж Кек… – на крајот, сосема неоправдано!
Да бидам искрен… Не се сеќавам дали досега низ повеќе од 15-годишната своја репрезентативна кариера, Горан Пандев така директно најавил победа на Македонија кога игра против фаворизирана селекција, а притоа и со некалкулантска желба за свесно спуштање на земја на противникот преку одбрани но зајадливи зборови… Но, Пандев, иако можеби на изненадување и на поголемиот дел од новинарите присутни на прес-конференцијата пред натпреварот, се одлучи да испрати еден вид порака: „Па, која е бре таа Словенија!?“. За словенечките колеги тоа звучеше шокантно омаловажувачки! А, за нас – конечно победнички! Иако и со извесна доза страв дали сето тоа ќе го потврдиме и на терен! За среќа, нашиот страв на крај остана сосема неоправдан. Затоа што кога ќе каже Пандев – веројатно, така е! Како дополнение на она што, пак, безусловно го најави претходно и селекторот Ангеловски дека ќе бидне најдоброто издание на неговите избраници во овие квалификации. И бидна!
Да бидам искрен… Не се сеќавам и досега низ толку години гостувања на фудбалски селекции во Македонија некој селектор да демонстрира така потценувачки дрзок однос кон се што не е блиско до неговиот тим како Матјаж Кек. Приреди вистински циркус на прес-конференцијата пред мечот со одбивањето да седне каде му е местото, но суеверно сам одбирајќи си ја позицијата на столчето… Си одбираше и новинарски прашања од македонски медиуми кои само нему му одговораа, па уште и одбра да држи лекции каков треба да биде односот на домаќините. Па на крај, од толку многу концентрација на се што не е негова работа заборави на изгледот на неговата репрезентација на терен – што е негова работа. Затоа што, искрено не се сеќавам кога Македонија така тактички доминантно одиграла против селекција која како фаворит допатувала во Скопје!
Односот на Матјаж Кек некако ме потсети на уште еден Словенец, поранешниот македонски селектор Сречко Катанец, на кого исто така му сметаа и соблекувалните, и терените, и новинарите, и прес-конференциите…. Не верувам дека е до Словенците, но ете случајно поклопување на два слични карактери. Исто како што не верувам дека во фудбалот е многу важна позицијата на столчето во прес-центарот. Го виде тоа синоќа и Кек.
И, за мечот. Да бидам искрен… Секоја чест за Елиф Елмас кој е херојот на победата на Македонија, и кој без сомнение ќе ни овозможи и годините пред нас да имаме фудбалер од светска класа со кој ќе се гордееме. Но, она што синоќа уште еднаш на терен го демонстрираше Пандев на свои 36 години е многу повеќе од само репрезентативен настап. И, иако сите добро го знаеме неговото фудбалско педигре, факт е дека повторно и повторно не престанува да восхитува со својата фудбалска умешност. Но, и тоа на страна… Сега веќе восхитува со очигледноста дека и дефинитивно е новиот вистински мотивациски предводник на генерацијата која ја остава зад себе!
Токму затоа оваа победа против Словенија, ми се чини, има многу поголема тежина од само три бода. Но…, начинот на кој најпрво се најави а потоа и се стигна до еден ваков триумф, и тоа како е можна пресвртница во нашиот фудбалски менталитет за иднина. Тоа верувам ќе се покаже и веќе в недела против Полска. Варшава, без сомнение, може да биде почеток на една нова фудбалска историја на Македонија! Победничка! За разлика од многу претходни циклуси…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА