ДРИБЛИНГ: Место европскиот сон, Вардар го живее најголемиот срам во историјата!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

„Вардарци“ уживаат… На Европа и европските настапи други нека мислат. Тие си се на одмор до 30. јуни. А, за потоа, никој ништо не знае. Можеби ќе си продолжи одморот – ама, принуден… Е, до ова дереџе е доведен ФК Вардар, најтрофејниот македонски клуб кој со преземањето на Сергеј Самсоненко пред пет години требаше да биде генералниот мотор-двигател на целокупниот македонски фудбал, иницијатор на позитивни промени, пример и мотив за другите… Како што, впрочем, бил секогаш во историјата. Но, наспроти сето тоа и ветувањата тогашни на неговиот газда дека Вардар со него ќе биде постојан учесник во групите од Лигата на шампионите и ќе живее постојан европски сон, „црвено-црните“ го живеат најголемиот срам во својата историја!

ФК Вардар минувал низ бројни кризи во минатото, но апсолутно никогаш не се случило да не добие лиценца за европски настап! И на сето тоа, поради аматеризмот на раководните структури, и забрана за трансфери во два преодни рока… Брука, која жално и зачудувачки мина комплетно молчешкум буквално во сите кругови во и околу клубот. Нешто што би било незамисливо во некое друго време и со други газди… Молчат навивачите, молчи фудбалската јавност, молчат медиумите а молчат и дежурните фб-коментатори кои во некои други прилики не штеделе зборови навреди и за легенди на клубот како Панчев, Најдоски, Бабунски, Јаневски…, и за фудбалерите, и за администрацијата во клубот. Но, секако, за газда Сергеј кој, всушност, е единствениот виновник (и никој друг) што Вардар поради финансиски причини не доби лиценца, не смее да има прозивки. Тој си живее на кредитите од успесите со РК Вардар. Па, ФК Вардар и онака е сираче, единствен фудбалски клуб во светот купен од ракометен… Да се крстиш! Еден ден некој и ќе разбере дека фудбалскиот клуб не е исто со ракометниот. Но, ми се чини, ќе биде касно за одговорност.

А да биде апсурдот поголем, гледам стартуваат „Иницијативи за спас на ФК Вардар“… И тоа во нив повик да се приклучи и истата да ја поддржи „г-дин Самсоненко“ – за да се тргнат „темните облаци од клубот“. Е, ова не е за крстење. Ова е за плачење! А, можеби, ако подлабоко размислите, и има логика… Па, најповикан да ги тргне „темните облаци“ од клубот е тој што ги создал!

Како и да е, во најнезавидна ситуација се дефинитивно фудбалерите кои не знаат што со себе. Оние кои се уште не заминале… Кога ќе се сетите во овој момент на недобиената лиценца за европски настап, кога ќе се сетите и на сите оние неисплатени плати за фудбалерите изминатава сезона, кога ќе се сетите на сите долгови кои сега клубот ги има на сите можни страни а достигнуваат милионски суми во евра, некако неизбежно ви се навратува јануари 2014 и прашањето тогаш до Град Скопје: Како градот ќе го заштити својот миленик ФК Вардар во случај газдата, кој безмалку за беспари го добил клубот, да не ги исполнува обврските од договорот…!? Одговорот тогаш беше: Градот ќе ја има златната акција! Амаaaa ЗАШТИТА…!? Е, ова веќе не е за крстење. Ниту за плачење. Ова е за смеење! Зошто многу добро гледаме колку ФК Вардар е заштитен! Со златната акција!

  • Брацо Вујчиќ доби признание буквално од сите…. Но, СРАМНО, не и од својот Вардар!?

Во една прилика претходно нагласив дека го паметам Вардар горд и достоинствен, и во поразите и во победите… Го паметам Вардар одважен, чесен и искрен кон секој свој навивач! Го паметам и привилегиран и обесправен… И полковник, и очајник… Но, вака безидеен, беспомошен – никогаш. За жал, сето ова држи и денеска… ФК Вардар деновиве доживеа уште еден срам, за кој поголемиот дел од домашната фудбалска јавност има малку разбирање. Во Скопје почина еден од најголемите помагатели на македонскиот спорт изминативе 20 години – Слободан Брацо Вујчиќ. И доби признание и чест од безмалку цела фудбалска Македонија. Само не од неговиот Вардар.

ФК Вардар и оние на негово чело не најдоа „можност“ да објават ниту најмала информација со почит за Вујчиќ на официјалната интернет страница. За нив веројатно беа доволни оние неколку фејсбук зборови. Наспроти бројните фудбалски лица на комеморацијата, за која не се сети ФК Вардар туку ФФМ, ниту еден присутен од раководството на клубот и оние легенди кои и сега се во клубот а кои добро „цицале“ и од Брацо. А, Вујчиќ беше всушност тој кој десет години го финансираше ФК Вардар, подолго од било кој во независна Македонија, и тоа тогаш кога никој друг ниту сакаше, ниту можеше.

Разбирам дека овие актуелниве во Вардар, на чело со газдата, сметаат дека се што е поврзано со црвено-црните бои почнало од нив. Разбирам дека и не знаат што е тоа однос со јавност, почит или минимум професионална култура. Ама не разбирам дека не можеа да пронајдат во себе барем малку човечко достоинство па да искажат соодветна почит… Затоа што и од многумина присутни на комеморацијата, можеби, и не се очекуваше тоа. Ама од ФК Вардар, како институција (а не како приватна збирштина како што ја замислуваат актуелниве) и тоа како се очекуваше. Кон човекот на кого клубот и тоа како му должи!

Но, очигледно, актуелниве му ја паметат на Вујчиќ борбата против начинот на кој неправедно, преку три судски одлуки без ниту едно одржано рочиште, му беше одземен клубот. Ние како ЕКИПА изминативе години постојано баравме од Вујчиќ да ја каже својата вистина за ФК Вардар пред јавноста, посакувајќи и да искаже отворено што за него значат црвено-црните бои. Никогаш не прифати. А, последниот негов одговор беше: „Нема потреба јас некому да се жалам. Нема потреба јас некому да ја докажувам приврзаноста кон Вардар. Љубов кон Вардар не се покажува и не се докажува. Таа се носи во себе, и љубоморно ја криеш од сите! Не ми треба мене никакво признание…“. Брацо, кој беше една од најкритикуваните личности во фудбалска Македонија, не дочека да завршат судските постапки во битката за докажување на правдата, чисто како лична сатисфакција. Но, факт е дека на крајот доби признание од многу вистински фудбалски работници во Македонија, кои во само неколку дена се појавија како печурки и покажаа колкава била всушност неговата улога за одржувањето на спортот во оваа мала земја, во најтешките нејзини времиња. Еден ден сигурно ќе добие признание и од ФК Вардар. А, и онаа лична сатисфакција од божицата на правдата! Времето ќе покаже!

Се вчитува...