ДРИБЛИНГ: Нема пари – нема мир!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Нема правда – нема мир! Така беше, нели!? Плус и правдата е секогаш достижна, ама само малку спора де! Епа, додека ја чекаме да стигне, да не си се лажеме, добра работа вршат и парите – како нејзина замена за обезбедување мир! Само што станува кога и нив ќе ги снема!?

Заврши уште еден трансфер период во македонскиот фудбал, онака „непотресително“ – со навидум многу доаѓања и заминувања во дел од нашите прволигаши, а во суштина ич пари! Но, трансфер период кој, без сомнение, отвора едно централно прашање за шампионот кој секогаш, за жал на неговите челници, едноставно мора да биде во фокусот – Што се случува во моментов во ФК Вардар!?

Само еден месец по историското учество во Лигата на Европа – момент кој апсолутно требаше да донесе нов значителен импулс повеќе за барем еден чекор напред за Вардар каков што вистински го сакаме – во најтрофејниот македонски клуб зимава тотално спротивна ситуација:

  • Добро „раздавање“, за без пари, на сиот млад квалитет…
  • Тивка промена во раководните структури – онака далеку од очите и ушите на јавноста…;
  • Траги-комичен обид за „фатаморганично засилување“ со наводни огромни ѕвезди од Ривер Плата и Монако кои не можат ни проба да поминат – а сето тоа колку за ‘палење’ на оние навивачки фејсбук запаленковци кои поим немаат што се случува во клубот…;
  • Жестока караница меѓу тренерот Јаневски и Ерменецот Хамбарџумјан и негова ‘депортација’ од тимот пред почеток на полусезона…!?

Што се случи бре со мирот во Вардар!? И тоа сега во време на „вардаризација“! Нема ли веќе и пари, да купат малку мир!?

Многу (не)правди се вртеле изминативе 20 години независност во и околу ФК Вардар, ама да си бидеме реални мирот во клубот единствено го обезбедувале само парите. За неправдите кои ги доживеале многу поранешни поединци, финансиери и фудбалери на малкумина им е грижа – кога се тука парите! Но, што од клубот станува кога нив ги снемува?

Искрено, зачудувачки по историски пласман во ЛЕ, Вардар за само два месеци се „натовари“ со серија прашања од јавноста, а газдата и неговото раководство како и секогаш не се баш подготвени да одговорат… Затоа што, нели, тие пред јавноста се појавуваат само кога не им одговара висината на цената за користење на „Филип Втори“. За друг отчет пред своите навивачи нема потреба. Доволно е оправданието „јас давам пари“!

Иако, и со отчет и без него, повеќе од јасно е за сите искрени вардарови навивачи дека најавите за некаква вардарова стратегија за насочувања кон македонски млади сили за доброто и на македонскиот фудбал се само приказни за мали дечиња ( и за оние т.н фејсбук запаленковци), кога клубот така лесно си се откажа од Николов, Демири, Муслиу, Петковски, Личина, Велковски… И со отчет и без него јасно е дека тивката „елиминација“ на Самоил Симев од раководните структури не е поради погрешни трансфер политики, затоа што и малите дечиња (па дури и оние т.н фејсбук запаленковци) знаат дека кутриот Самоил без дозвола на Сергеј Самсоненко не смееше самостојно и да дише, а не па да носи некакви клучни одлуки за клубот. И со отчет и без него, по овој зимски преоден рок некако очигледно е дека во Вардар веќе е „стегнато ќесето“, а нервозата тлее меѓу фудбалерите долг период за што потврда е, меѓу другото, и случувањето Јаневски – Хамбарџумјан!

Затоа убаво е, и редно е Самсоненко на спортската јавност, а пред се на навивачите на клубот, да им објасни што планира со ФК Вардар… За да не биде потоа виновна ЕКИПА за изнесени наводни „шпекулации“ (како што е тоа со ракометните клубови) кои потоа се покажуваат – вистинити. ЕКИПА секако нема да добие официјални одговори, затоа што долги години има забранет пристап до црвено-црните клубови (не по желба, како што самите ни велат, на спортистите и вработените, туку на газдата кој никако не може да се помири со сите суштински прашања кои единствено ЕКИПА му ги поставуваше и поставува сите овие години, а уште од 2013 кога на сега веќе клубот кој го „згаснува“ – ЖРК Вардар сакаше да му ги смени името и боите). Ама, пред ЕКИПА или не тоа е најмалку важно. Јавноста наредниот период секако ќе добива многу одговори околу Вардар…, затоа што признавале или не таму нешто чудно се случува! Но, убаво е уште сега да се знае и за парите кои ги има или не во Вардар – заедно со се оние од УЕФА, и за амбициите за титулата сезонава, и за плановите за следната, и за сите заминувања и за сите доаѓања во клубот, и за сите промени во раководните структури. Убаво е уште сега, за да не бидат во јули многумина ‘шокирани’! Затоа што, да си бидеме реални, ФК Вардар ниту најмалку не е исто, пред се за неговите навивачи па и за целокупната македонска спортска јавност, со ракометните клубови!

ОЗНАКИ: владимир,

Се вчитува...