ФК Вардар го одбележа својот 75-годишен јубилеј, и веројатно уште еднаш ни ги покажа трите целини без кои фудбалот не може – навивачи, традиција и медиумски интерес!
Факт е дека модерните векови не се оптоваруваат многу со традицијата, па ниту фудбалот не треба да биде роб на минатото и идеолошките брендови. Факт е дека никој не е и не мора да биде вечен, па така и клубовите во фудбалот. Но, факт е и дека некои нешта во животот се апсолутна неопходност, не само заради себе самите но повеќе и заради сите други останати. А, Вардар е повеќе од неопходност за македонскиот фудбал.
Целокупното сивило во кое е западнат македонскиот клупски фудбал е, меѓу сето друго, и одраз и на постојаните турбуленции со кои е навикнат да живее веќе две декади најтрофејниот наш клуб. Без разлика колку некои признале или не, јасно е дека Вардар мора да биде двигателот и показателот на сите норми и вредности на домашната фудбалска сцена. Без Вардар, без разлика колку и како периодично да се појавуваат некои други „големи“, македонскиот фудбал само продуцира просечност, апатија и стагнација.
Ние во ЕКИПА важиме за едни од најголемите критичари на Вардар, навлекувајќи долги години гнев кај дел од неговите верни навивачи. Така ќе биде и во иднина… Но, веројатно и затоа што следејќи го како индивидуалци уште од минатиот век, смееле да признаеме или не, носиме прикриено чувство на приврзаност кон клубот проткаено со „родителска обврска“ за критика на сопственото, а не комшиското дете…, меѓу другото и поради професионалната свест што во суштина значи силен и стабилен Вардар за македонскиот фудбал. Посебна приказна е, пак, фактот дека Вардар е и секогаш медиумски интересен!
И не може а да не се позајмат зборовите на еден од најголемите „вардарци“ кои ги познавам, Мики Миленковски, еден од најзаслужните за неговото преживување низ актуелните години, за во само неколку збора да се разбере зошто е важен Вардар за Скопје и спортот во Македонија.
„Реки народ од цел Чаир се прелеваа на Џон Кенеди, па преку Топаана се спуштаа кон мостот кај полигонот, секоја втора недела, секогаш кога играше Вардар. Од Калето го гледаш Градски, ја гледаш Јужна како полека се полни, и те фаќа трема. Го забрзуваме чекорот да стигнеме побрзо, да не нема место за сите, иако имавме блок-карта за Јужна… Мене татко ми ми ја пренесе љубовта кон Вардар, иако тешко ќе признае колку самиот го сака тој клуб. Во Чаир маало речиси сите беа вардарци, без разлика на националноста или другите уверувања“ – ќе напише, меѓу другото, Миленковски во само неколку збора опишувајќи нешто кое не може да се избрише од чувството на секој скопјанец, само му треба повод да „воскресне“.
И сето ова веројатно не е носталгија по некои минати времиња во кои Вардар се сакал многу пошироко од радиусот на „Комити“. Ова е повеќе носталгија по иднина каква сакаме повторно да имаме во македонскиот фудбал. Вардар, каков што треба да го биде, не е никаква носталгија, но де факто неопходност за македонскиот фудбал. И само така треба да го разберат и сите државни и локални институции кога ќе се активира темата за решение на „проблемот“ – ФК Вардар. Затоа што, на овој Вардар не му помагаат инцидентни 250.000 евра да преживее, ако оние кои можеби имаат моќ да го решат проблемот суштински не разберат дека Вардар, на крајот на краиштата, и од бизнис и од политичко-општествен аспект, е важен за Македонија.
И, секако, веројатно и не е невистина честата констатација „без секого се може“… Ама, да бидеме реални, рака на срце, секоја чест на сите, ама во Македонија фудбал без Вардар не бидува! И доказ за тоа не е само она што синоќа се случуваше на најголемиот наш стадион!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА