ДРИБЛИНГ: Со ‘темните сенки’ од минатото, бараме ‘светла иднина’ за фудбалот!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Колку и да сакате да останете на страна во една битка за претседател на ФФМ, па онака новинарски да ја следите само со констатирање факти а без многу коментари, едноставно не можете. Едноставно не ви дозволуваат сите овие фаци кои 25 години го киднапирале македонскиот фудбал (едни те исти главно) а кои се водат чисто само од личните интереси (за фудбалот веќе и де факто воопшто не им е грижа) во битката „за подобро утре“. Тоа што се случуваше изминативе денови како подготовка за Изборното собрание на ФФМ, а заокружено со полноќниот циркус во просториите на ФФМ е ништо повеќе но уште еден срам за мак-фудбалот. За жал, уште еднаш ја видовме „одата на глупоста“ на сите т.н наши фудбалски работници кои вистинските лица со сета своја „убавина“ ги покажуваат токму кога ќе дојде време за избор на нов претседател.  Она што сега се прави во трката за нов прв човек, е ништо повеќе но уште еден резил за домашниот фудбал, а како повторување на сето она едно-исто кое во минатото веќе сме го гледале. Ништо не сме научиле!

„Будалите повторно песна пеат“… И тоа кој погласен, тој побудала. Кој побудала, тој поголем узурпатор на основните општествени вредности, поголем узурпатор на правдата, поголем узурпатор на спортскиот дух…

„Нема поголема радост за будала од тоа да најде некој побудала од себе“… Е, токму на ова ми личи начинот на кој се води и оваа претседателска трка!

=============================================================================================

Да. Веќе и дефинитивно е јасно дека апсолутно ништо не сме научиле од нашето фудбалско минато и начинот на кој ни поминуваа сите претходни изборни собранија за ФФМ. И дефинитивно ние ниту знаеме, ниту сакаме да избереме прв човек онака како што би доликувало на најмоќната спортска федерација. Во 20-годишната новинарска кариера ги минав речиси сите изборнија собранија, освен она првото… Така беше и од Ѕинго кон Љамбе, потоа и во битката меѓу Харалампие и Панчев, па и во онаа „циркузијада“ од 2006 за смена на Хари во која се замеша и УЕФА, па потоа и од Харалампие преку Масар кон Илчо!

Фудбалската опозиција изминативе години како најголем минус на досегашниот претседател Илчо Ѓорѓиоски го потенцираше „другарството со Грујо“, затоа што реално фудбалски минус и тешко можеа да најдат во неговото владеење – компарирано со неговите претходници во ФФМ. Па остана на тоа главната битка за подобар фудбал (!?) да биде „еднаш засекогаш да се стави точка на партиското влијание при изборот на прв човек“… И, онака на хартија, сосема издржано. Долга е желбата кај секој од нас фудбалот да се ослободи од влијанието на политиката. Само што, очигледно сето тоа е само залажување… А, за оние кои сега бараат место на престолот на ФФМ сето тоа останува за хартија. Колку и да сакаат некои да „глумат спортска битка“ факт е дека фудбалот останува заробен на „партиско-политичките ситуации“, останува заробен на „правните играрии и слободни толкувања“ и од двете страни, останува со многу пизма, злоба, „зла крв“ и кај оние кои заминуваат и кај оние кои доаѓаат. За жал…. Начинот на кој се води и оваа битка за нов претседател на ФФМ јасно кажува дека нема да се ослободиме од тоа. Веќе сме во кругот од кој нема излегување, очигледно уште долго во иднина! Принципот е исти, нијансите се во прашање!

А, нешто не штима и во овој избор – „претседателски“! Да си бидеме искрени и од старт понудата за нов претседател на ФФМ јасно покажа дека тука нешто не штима! И кандидатурата на поранешен претседател кој десет години бил на чело без посериозен резултат а притоа со еден куп „црни сенки“ зад себе, и тоа како ви кажува дека тука нешто не штима! Но, и наспроти кандидатите – лицата кои всушност стојат во позадина зад секој од нив уште повеќе ви даваат до знаење дека тука бре нешто апсолутно не штима! И, на сето тоа кога ќе видите како Комисии на ФФМ свои одлуки зад затворени врати носат во 4 часот наутро (!?), а притоа потенцијален кандидат после полноќ итно се повикува на „превоспитување“ – јасно е дека со начинот на функционирањето од минатото тешко ќе најдеме светла иднина за фудбалот.

Кога ја гледате и оваа претседателска битка за ФФМ едноставно не може а да не се запрашате дали овде се работи за живот и смрт!? Дали оваа функција е најважната за македонскиот спорт? Дали оној кој сака да помогне на фудбалот единствено мора да биде претседател на ФФМ за да ги реализира замислите? Дали навистина сите толку знаат и сакаат да му помогнат на фудбалот!?… А, одговор веднаш ви даваат оние 10 милиони евра буџет на располагање! Затоа што, буквално кај секое наше фудбалско лице очигледно основната замисла за прв човек на ФФМ е „располагач на богатиот буџет“…. И ништо друго! Кога ја гледате и оваа претседателска трка гледате дека се работи само за лични интереси, само за лична меѓусебна омраза, само за суета, „крв“ и одмазда! За фудбалот – ни на крај памет! За жал…

Затоа, без разлика кој и да дојде на чело на ФФМ уште од сега е јасно дека ќе носи повеќе од тежок товар. И тоа многу поголем од оној на претходникот Ѓорѓиоски кој ете (и покрај сите повеќе од успешни проекти, како никогаш досега во 25-годишната македонска фудбалска независност) не можеше сите години да се ослободи, директно или индиректно, од партискиот епитет. Начинот на кој се води битката безусловно го обезбедува тоа.

=============================================================================================

П.С…. Кога пред три години се формираше Иницијативниот одбор за промени во ФФМ на нивното прво претставување во јавноста, се појавија фудбалски фаци на кои сигурно им е местото во прв план на нашата фудбалска сцена – Дарко Панчев, Мето Спасовски, Драган Томовски, Ѓоко Хаџиевски,… Наспроти, и некои фигури од минатите раководства на ФФМ на кои пак повеќе не им е местото и воопшто на фудбалската сцена.

Интересно… Сега, кога дојде време да се бара претседател оние првите едноставно ги нема, а во прв план се оние вторите! Ете тоа е ‘силата’ на македонскиот фудбал… Додека молчат оние кои нешто значат за фудбалската игра и кои може да се изборат и против политиката и влијанијата, „злото“ ќе си владее, како досега – така и отсега. Затоа што, злото за да победи доволно е само добрите луѓе да молчат!

Се вчитува...