ДРИБЛИНГ: Театар комедија – Вардарски алиби мајстори!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Го паметам Вардар горд и достоинствен, и во поразите и во победите… Го паметам Вардар одважен, чесен и искрен кон секој свој навивач! Го паметам и привилегиран и обесправен… И полковник, и очајник… Го паметам постојан пркосник на неправдите, но и верен на традицијата и сопствената големина. Го паметам и во трка за титула, но и во гола битка за опстанок! Го паметам отворен за јавноста па и по цена сиот свој „валкан веш“ да го извади на виделина… Го паметам и без терен, и без простории, и со јавен превоз за тренинг… Го паметам Вардар и „црвен“ и „црн“ – како што доликува. Но, никогаш вака смешен и беспомошен како деновиве! И никогаш со алиби за сопствениот неуспех!

Факт е дека со доаѓањето на Сергеј Самсоненко, Вардар доби огромен финансиски плус за себе (иако постојат бројни шпекулации околу тоа како вистинскиот финансиски инпут во клубот доаѓа и од други страни, и зошто истиот последниот период се намалува – Но, тоа ајде останува на страна! За друга прилика!). Го доби тоа за кое секако сонуваше секој негов искрен навивач – клуб кој ќе може да сонува европски сон, во вистинска смисла на зборот!

Арно ама… Ми се чини, ги доби парите а ја загуби душата. Доби стабилност, ама го загуби „компасот“! Ги доби „хвалопојките“ по медиумите, ама ги загуби навивачите на трибините! Си го доби епитетот елитистички, а го загуби оној – народен! Доби бројно раководство, а ја загуби транспарентноста! И, тогаш со право ставате на кантар… Кое, и што од сето тоа е поважно? Или, зарем не можеше да го добие новото а да си го зачува она старото, свое препознатливото!?

Но, ако го погледнете капацитетот на лицата кои го запоседнаа неговото водство од 2014, и бројни нивни одлуки во овие четири години, веројатно конечно сфаќате дека: И, не можеше. Само што и на сето тоа, и покрај се, иако знаете дека се може да очекувате, повеќе од шокирачка повторно ви доаѓа одлуката Вардар да „импровизира некаков бојкот“ со кој како „жртвени јагниња“ ќе ги пушти најмладите. Машала! „Машка“ одлука… донесена директно од фотељите. На мегдан среде Тетово пред Шкендија и „Балистите“ да се пуштат директно голобрадите!

Интересно е колку оваа смешна одлука на челниците на Вардар да се бојкотира првенство поради, во суштина, интерес на трети страни наиде на потсмев дури и од најжестоките црвено-црни навивачи. Интересно е колку она смешно соопштение за бојкот, дури и кај најверните навивачи се дочека само како „потрага по алиби“ за се што му се случува на Вардар во сезоната 2017/2018, и изнаоѓање оправдание за веќе очигледно загубената битка за титула. Интересно е всушност колку „алиби мајсторите“ оваа сезона бараа оправдание во туѓиот двор, никогаш во својот, и за високите цени, и за „продажбата“ на Јужна, и за празните трибини, и за поразите поради лошите терени, и за одолговлекувањето со исплатите кон фудбалерите… Сега дојде ред на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и на Комесарот за натпревари, истиот оној кој есента го одложуваше секој можен натпревар (па и цели кола) за Вардар да не ни се замори од настапите во Европа и дома. И, секако со право, за сите ние кои го сакаме клупскиот европски фудбал и кај нас тука, а кој Вардар ни го донесе. Но, тогаш никој не го поставуваше прашањето за (не)регуларност на првенството поради бројните одложувања!? Иако, пак, дури сега може да се постави прашањето за (не)регуларноста, кога Вардар на едни противници им подари младинци, а на други не!?

ФОТОМОНТАЖА

Интересна е и транспарентноста на Вардар. Во четири години се сеќавам на само три соопштенија сервирани за фудбалската ни јавност. Едно за незадоволство од судењето, второ за незаедоволство од цените на „Филип Втори“ и сега она последното засмејувачко за незадоволство од одлука и бојкот на се живо во фудбалот! (А да, имаше и соопштенија со повик за фер и коректно навивање пред натпреварите од Лигата на Европа. Да не заборавиме!) Само што, на она последното соопштение-бојкотирачко, за да има моќ да се бори против неправдите а да нема предзнак како само „алиби побарувачко“, претходно му недостасуваат најмалку уште седум соопштенија од зимава за да ова раководство на Вардар биде чесно, пред себе и пред навивачите:

  • СООПШТЕНИЕ 1: Дали Вардар е западнат во финансиска криза? Дали фудбалерите со месеци не добиле плата?
  • СООПШТЕНИЕ 2: Кој и за што е одговорен меѓу бројните директори во клубот? Има ли ред и хиерархија?
  • СООПШТЕНИЕ 3: Кој е виновен за очајниот трансфер период? Дали скромниот пазар зимава, наспроти дозволите за заминувања на дел од најдобрите, значеше и предвремено откажување од трката за титули? Кој се откажа од целокупниот млад капитал на клубот?
  • СООПШТЕНИЕ 4: Зошто е суспендиран Хамбарџумјан? Што се случило меѓу Јаневски и Ерменецот во Анталија?
  • СООПШТЕНИЕ 5: Кој е виновен за аматерскиот кикс со Висар Муслиу?
  • СООПШТЕНИЕ 6: Зошто се суспендирани Велковски и Стојчевски?
  • СООПШТЕНИЕ 7: Која е причината за очајните игри и резултати на милионскиот тим?

Е, ова се одговорите кои ги очекуваат фановите, искрено вардарските!

Затоа, има време до среда и реванш дуелот од Купот на Македонија против Шкендија во Тетово. „Вардарци“ да си ја согледаат апсурдноста на одлуката која е само против клубот, и никој друг. Па на мегдан да истрчаат како победници, место како кукавици!

П.С…. Интересно ми е и соопштението на ФК Шкендија како одговор на ФК Вардар во оваа цела „бојкот“ приказна.

„Титулата се добива на зелениот терен, со игра, а не преку малициозни соопштенија. Ние бевме први кои изминатите сезони ви честитаа освојување на титули и никогаш не посегнавме на ваков начин да бараме изговори“ – ќе речат сега од Шкендија. Притоа заборавајќи дека само пред две години, кога Вардар си стигна и тоа како заслужено до титулата, тие си се појавија со соопштение за непризнавање на регуларноста на првенството!

Се потсетуваат ли од Шкендија, од сегашна дистанца, колку тогаш и самите биле смешни кога го гледаат овој Вардар!?

Токму тоа нивно СООПШТЕНИЕ од 2016 година, а и нашиот ОДГОВОР потоа, нека биде само потсетник колку се смешни очајните кои немаат оправдание како и зошто се трошат парите. Како потсетник, и за едните и за другите, колку се смешни алиби конструкциите по сопствените неуспеси!

ОЗНАКИ: владимир,

Се вчитува...