ДРИБЛИНГ: За (не)нормалните работи!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Спортот е многу повеќе од натпревар, посебно кога се работи за најмладите негови категории. Суштината на неговото постоење како таков е развој на спортскиот дух, тимската работа, споделената радост и поделената тага, промоцијата на припадноста, почитта кон различноста и пред се колективната и индивидуалната култура. Само што очигледно, не може да влијае на домашното воспитување и моќта на неконтролираната улица (во модерните времиња: неконтролираните социјални мрежи) која уништува се што е објективна критика, стручна работа и сериозна општествена вредност.

Токму затоа зачудувачки е со каква леснотија се научивме во нашата држава да преминуваме преку суштинските работи, банализирајќи ги до тој степен што веќе ненормалното ни станува нормално, лагата ни станува вистина, погрешното ни станува исправно а моралот, етиката и здравиот разум ни се доведени до нулта вредност. И никој ништо не презема…

Како поинаку да се протолкува тоа што изминатиов месец во два наврати се случи на натпревари од детската фудбалска лига. Крвничката пресметка меѓу родители на детски натпревар е само круна на ненормалното. И, и колку да сакаме да се согласиме дека тоа во главно се должи на индивидуално лудило, јасно е дека проблемот многу подлабоко лежи во ненормалното во нашиот спорт кој е под целосно нарушен здраворазумен етички систем во кој, да бидеме реални, не се само пооделните родители. Туку и пооделните спортисти, пооделните тренери, пооделните функционери, пооделните газди, пооделните социјални мрежи… Сите оние кои треба да бидат всушност рол-модел на младината. Сите ние заедно!

Сме се запрашале ли во какво нездраво опкружување растат нашите деца. Вербалните навреди, посебно во спортот, се такво жално секојдневие по што едноставно е несфатливо како потоа може да бидеме изненадени и шокирани кога ќе дојде до физички пресметки. Па, „вербалното насилството раѓа физичко насилство и е резултат на немоќ да се справиме со одредена ситуација на поинаков начин“ – ќе рече науката.

Ние сме секојдневно сведоци на повеќе од страшни вулгарности на спортските терени. Вербална злоупотреба на личноста каква не може да се замисли: Родители навредуваат противнички деца, спортисти навредуваат спортисти, родители навредуваат и свои деца, тренери навредуваат противнички спортисти, спортисти навредуваат тренери, тренери навредуваат и свои играчи, родители навредуваат судии, и судии навредуваат родители, тренери навредуваат судии, а родители навредуваат и тренери…. И на крај, последиците од вербалната злоупотреба се чувствуваат после одреден период, безусловно.

Пред извесен период македонската спортска јавност беше сведок и на една „интересна“ навреда од страна на тренерот на актуелниот ракометен шампион на Македонија кон своите играчи. И, генерално, ништо посебно ‘страшно’, ако сето тоа завршеше со едногласна осуда на таквиот однос кон својот тим затоа што е лош пример и за себе и за се останато во спортот, а пред се за спортските деца за кои такво нешто не треба да биде оправдано. Но, наспроти тоа, шокирачко оправдание од неконтролираната улица (во модерните времиња: неконтролираните социјални мрежи), па дури и од јавни личности за кои тоа било нешто ‘сосема нормално во спортот, па дури и за македонската традиција’. Баш убаво: Пцовките и навредите да бидат дел од позитивната македонска традиција, ненормалното – нормално а погрешното – исправно! Ако така расудуваме, како зачестија физичките пресметки, може слободно, според дотичните, и физичките пресметка на родители пред своите деца да бидат една убава македонска традиција во иднина. Но, уште пошокирачки и од сето тоа, пак, делува и тоа што сопственикот на ракометниот шампион, инаку замислете Декан на фармацевтски факултет, користејќи ја „улицата“ (во модерните времиња: неконтролираните социјални мрежи), ги нападна медиумите затоа што го објавиле сето тоа. Притоа и тој јавно навредувајќи! Баш убаво, од високата академска јавност. И потоа сме биле сите вчудоневидени кога родители ќе се степале на спортски настан!?

Се додека, сите кои сме вклучени во спортот, на било каков начин, директно или индиректно, оправдуваме вербално и физичко насилство, тоа нема да се искорени. Затоа што, „секој оној кој на било каков начин, директно или индиректно, го оправдува насилството, па секако и она вербалното, е сосема во ист ранг со насилникот“ – ќе рече науката. А, факт е дека додека не ги искорениме овие ненормалните работи од нашиот спорт, ние никогаш нема да може целосно да се фокусираме „За македонските нормални спортски работи…“!

Се вчитува...