Дрим-тим од отсутни ракометари: „Ѕвездите“ што нема да играат на СП во Египет

Собирот на светската ракометната елита што почнува денеска во Египет ќе го пропуштат голем број ракометни суперѕвезди, предводени од Никола Карабатиќ, кој заработи сериозна повреда при настапите за ПСЖ во француското првенство. Дел од асовите се повредени, дел позитивни на Covid-19, но има и такви кои одбија да патуваат во Египет стравувајќи за своето здравје, земајќи си краток одмор со оглед на фактот дека во текот на летово ќе ги очекува настап на ОИ во Токио.

Таков беше случајот со Германците Винчек, Пекелер, Лемке и Вајнхолд, чие отсуство сериозно ги намалува шансите за успех на оваа репрезентација во Египет. Покрај нив, германскиот селектор поради повреда нема да може да смета на Колбахер, Сутон, Хејман, Семпер и Вајде, а последен настапот го откажа Дисингер, кој не беше максимално подготвен за настап по бројните прекини во тренажниот процес поради карантините во Вардар.

Кај Хрватска ќе недостигаат само двајца ракометари, Лука Степанчиќ и Домагој Павловиќ, а многу значајно за Лино Червар е што Карачиќ се рехабилитираше од својата повреда и ќе биде во комбинација за настап на овој мундијал.

Шведска ќе биде без дури деветмина ракометари, листа предводена од Екберг од Кил на која се наоѓаат уште и Јеспер Нилсен, Андреас и Лукас Нилсон, потоа Јепесон, Арнесон, Јепсон, Лагергрен и Линдског.

Ветеранот Агинагалде нема да може да му помогне на европскиот првак Шпанија, а поради повреда за „црвената фурија“ нема да настапи ниту Гурбиндо.

Франција покрај Карабатиќ нема да може да смета ниту на талентираниот Пранди, кај Унгарците ќе недостигаат Јухаш, Лигетвари и Жамали, додека Тунис ќе биде без најдобриот стрелец од последните неколку големи натпреварувања, бекот Амине Банур.

Бразил ќе мора да се снаоѓа без најдобриот ракометар, Тијагуш Петруш, кој е позитивен на коронавирус, а од истата причина за Полска нема да настапи пивотот Камил Сипжак.

Бранителот на трофејот Данска ќе биде без помошта на Расмус Лауге, кој се повреди при настап за Верпрем, повредени се и Мортенсен и Ласе Мелер, додека Хенрик Тофт Хансен ќе го пропушти СП 2021 поради Covid-19.

Леворакиот „бомбардер“ Магнус Ред поради повреда на зглобот нема да настапи на овој шампионат за Норвешка, а скандинавската селекција поради проблеми со грбот нема да може да смета ниту на Магнус Гулеруд. Со огромни проблеми се соочи Аветрија, кој ќе биде без двајцата клучни играчи на бековските позиции, Никола Билик и Јанко Божовиќ.

Арон Палмарсон поради повреда на коленото нема да може да го предводи Исланд, селекција кај која ќе недостигаат и Трастарсон и Сигурмансон.

Кај Русија ќе недостигаат „вардарците“ Дибиров и Калараш, кои предвреме го откажаа настапот, но поради повреди рускиот селектор нема да може да смета ниту на Атман, Санталов и Шкурински.

Се вчитува...