Сите фудбалери сега се фокусирани кон Катар и Мундијалот кој ќе се одржува во таа земја. Некои од нив веќе ги пакуваат куферите за заминување на мини тренинг камп, а потоа и во земјата каде ќе се одржи Светското првенство, а сите земји ги објавија списоците на играчи со кои ќе играат на престојното натпреварување.
Во последните неколку дена сите погледи беа свртени кон еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Садио Мане и неговата повреда. Но, во последен момент Мане се најде на списокот на Сенегал за Катар, а веројатно ќе ги пропушти само натпреварите од групната фаза.
Мане не е единствениот кој со повреда оди на Мундијал. Листата е долга и звучна, а во минатото имало неколку такви случаи со познати играчи.
Екс италијанскиот репрезентативец Андреа Пирло, се повреди на пријателскиот меч со Мексико неколку дена пред почетокот на Мундијалот во Јужна Африка во 2010 година. Тогаш Липи се реши да го повика, а откако ги пропушти првите два меча, тој влезе во игра на третиот против Словачка. Дидие Дрогба се повреди непосредно пред истиот Мундијал, и беше повикан да игра за Брегот на слоновата коска. Тој ја пукна клучната коска, па на СП во Јужна Африка играше со специјална заштита.
Салах исто така повреден замина во Русија во 2018 година, па го пропушти првиот меч со Уругвај, но беше на натпреварите со Русија и со Саудиска Арабија. Вејн Руни непосредно пред СП 2006 година се повреди два месеци пред неговиот почеток, откако беше изнесен со маска за кислород на меч во Премиерлигата. Но, се врати и играше на натпревар во групата за „Гордиот Албион“.
Француската нација трепереше пред почетокот на Мундијалот во 2002 година, кога Зинедин Зидан се повреди на загревање на пријателски меч. Играчот од средниот ред ги пропушти првите два меча на СП во Јапонија и Јужна Кореја против Сенегал и Уругвај, но се врати против Данска, меѓутоа неговата селекција беше елиминирана уште во групите.
Во мај 2014 година, тогашниот играч на Ливерпул Луис Суарез се повреди и мораше да замине на операција. Имаше само мала надеж за настап на Мундијалот во Бразил, но селекторот се реши да го повика. И не само што играше, туку тој ги постигна двата гола со кои Уругвај ја совлада Англија. Тој играше и против Италија кога се случи оној познат инцидент со Џорџо Кјелини и гризањето за раме, по што Кјелини беше суспендиран на девет меча.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА