Формирањето на кошаркарски клуб во Дубаи со сериозни амбиции за настап во Европа веќе подолго од една година беше жешка тема во кошаркарската јавност. На крајот, Дубаи потпиша договор за пристапување кон АБА-лигата, не успеа да стигне до билет за Евролигата, а првите луѓе на овој проект, директорот Ѓорѓе Ѓоковиќ и ко-сопственикот и генерален менаџер Дејан Камењашевиќ денеска на прес-конференција во Белград отворено говореа за плановите и амбцииите за наредниот период.
„Би сакале да искажеме голема благодарност до раководството на АБА-лигата, како натпреварување познато по тоа што е расадник на најголемите таленти. Со нетрпение очекуваме да бидеме домаќини. Веднаш би сакале да ставиме до знаење: своите домашни средби ќе ги играме во нашата „Кока Кола Арена“ во Дубаи, а не во Белград како што беше пишувано претходно. Клубовите ќе треба да дојдат, да бидат наши гости, летот трае неколку часа… читам за некаква загриженост, но тоа е само едно гостување за секоја екипа. Што е со нас, кои половина од сезоната ќе ја минеме во долги патувања“, изјави Камењашевиќ.
Потоа, тој се осврна на амбициите околу пласманот, но и засилувањата на кошаркарскиот пазар.
„Што се однесува до буџетот, нема да трошиме луди пари на носење на Тавареш, Џејмс… Имаме сопствен бизнис-модел, ќе бидеме конкурентни, но со скромен буџет, а не со бројки какви што беа измислувани. Важно ни е да учиме, да стекнеме искуство. Резултатски, сега не сме заинтересирани да ја освоиме АБА-лигата. Дури и ако тоа хипотетички се случи, нема да влеземе во Евролигата или во Еврокупот. Сметаме дека можеме дасоставиме добра екипа која ќе учи, ќе напредува и ќе добие сопствен идентитет“, порача генералниот менаџер на Дубаи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА