Дубаи влегува во Евролига на место на Партизан или Звезда? „Потребни ни се финансиски стабилни тимови“

Новото раководство на Евролигата продолжува со промените за „подобра“ кошарка во елитата на Европа. Оваа сезона веќе се имплементираше идејата за „плеј-ин“ турнир, се очекува наскоро да биде воведен и систем за размена на играчи, но и ова натпреварување да се прошири кон Блискиот Исток.

Веќе подолго време се споменува желбата за влез на тим од Дубаи во Евролигата, а на оваа тема во интервју за „Баскет њуз“ говореше директор на Евролигата, Паулиус Мотиејунас. Ширењето кон нов континент е идеја која може да заживее веќе од сезоната 2025/26, но голема е веројатноста дека може да има контра ефект за српските клубови Партизан и Црвена Звезда кои немаат статус на основач на првенството.

Како потсетување, еден клуб од екс-ју просторите директно се пласира во натпреварувањето преку АБА лигата. Тоа во моментот е Партизан, додека Црвена Звезда се натпреварува со „вајлд карта“. И покрај тоа што атмосферата која ја прават навивачите на српските тимови постојано е вирална на социјалните мрежи, и покрај тоа што самите кошаркари и тренери на противничките тимови стравуваат за гостувањата во главниот град на Србија, финансиската моќност за Србите е „проблем“ кој повеќе го интересира раководството на Евролигата.

„Мора да гледаме од два различни аспекти. Еден е погледот кон сегашните клубови кои играат, нивните фанови и компетентноста. Но, од друг аспект мораме да имаме одржливи клубови. Мора да ги согледаме двата аспекти за да расте маркетот. Тоа е најтешкиот дел од задачата кога сте претседател на Евролигата. Не можеме да ги направиме сите среќни. Невозможно е да ги искусиме сите места каде што се игра кошарка со врвна атмосфера. Белград е едно од сите места, но мора да има и бројки зад целата приказна. Има и други места, други клубови и други маркети“, вели Мотеијунас нагласувајќи дека страста не е доволна, побитни се финасиите.

Литванецот не ја крие идејата за вклучување на тим од Блискиот Исток во натпреварувањето и покрај тоа што во овие држави кошарката не е спорт број еден, нема кошаркарска култура, но станува збор за маркет кој финансиски може да понуди многу.

„Тоа е нешто што како првенство не сме го направиле никогаш. Тоа е комплетно нов маркет. Постојат дискусии и одиме напред со мали чекори. Но, кога ќе може да кажеме дека постои договор и сме подготвени да почнеме? Не можам да кажам. Може да биде многу брзо, но може и да не се случи во блиска иднина“, вели претседателот на Евролигата.

А, која е шансата за во следните десет месеци да се реализира проектот? „50-50“, вели Мотеијунас.

„Но, кога го велам ова, го велам како оптимист. Никогаш не сме биле во овој процес. Кога и да ги решиме сите точки од една страна, се отвара друга на која има уште 20 точки за разговор. Не сакам да давам конкретен одговор. Не сакам луѓето да ме земаат ‘здраво за готово’“, вели Литванецот.

Според информациите на „Баскет Њуз“, на тринаесетте клубови кои имаат сопственички статус (Барселона, Реал Мадрид, Басконија, Милано, Ефес, Фенербахче, Макаби, Жалгирис, Баерн Минхен, АСВЕЛ, Панатинаикос и Олимпијакос) „проектот Дубаи“ ќе им носи по милион евра секоја сезона во следните пет години.

Се вчитува...