Кога Дибала ја размонтира Барселона во првото полувреме, сигурно некој од челниците на каталонскиот клуб се присети на времето кога младиот Аргентинец за малку ќе го облечеше дресот на шпанскиот гигант.
Во 2012 година Барселона беше блиску до потписот на тогаш тинејџерот Дибала, кој поседуваше огромен потенцијал.
Скаутите на Барса редовно го следеа неговиот напредок, беа и на мечот кога Кордоба изгуби од Сан Лоренцо и не се пласира во елитата, а од Дибала беа воодушевени. Момчето кое не беше повикано за ниту една младинска селекција, веќе беше споредуван со Кун Агуеро. Бизнисменот Густаво Маскарди поседуваше дел од договорот на Пауло, а тој имаше понуда од Интер, но ги одби за да заигра за Барселона покрај неговиот идол, Лионел Меси.
Првата понуда од 8 милиони евра беше одбиена, планот на Барса беше да купи и да го даде на позајмица за да може да стекне искуство и да биде подготвен за првиот тим. Но, раководството на каталонскиот клуб се двоумеше откако Кордоба побара повеќе пари, во прашање беа неколку милиони повеќе. Барселона во тој момент не прифати и ја направи најголемата грешка. Од списокот на надежните фудбалери ги зедоа Серхио Араухо од Бока и Луис Алберто од Севилја, додека за Дибала сметаа дека не вреди за парите кои Кордоба ги побара.
Араухо не се снајде во првиот тим. Беше на позајмици во Мексико и Лас Палмас, а сега е во Атина, игра за АЕК. Во времето кога се одлучуваше помеѓу Араухо и Дибала, тој веќе играше за младата репрезентација, додека Дибала и понатаму не добиваше повик.
Што се однесува за Луис Алберто, тој се пресели во Ливерпул од вториот тим на Барселона, но и таму не доби шанса. Беше позајмуван во Малага и Ла Коруња, за на крајот да заврши во Лацио, каде моментално ја грее клупата.
Тогаш Палермо го откупи Дибала за 10 милиони. Со Сицилијанците помина низ се и сешто. Испаѓање од Серија А и назад во елитата, пробивање во стартните единаесет, па се’ до улогата на талисман во тимот. По две сезони го облече црно-белиот дрес на Јувентус. Палермо заработи 35 милиони евра, а последната исплата ја добија пред скоро време кога Дибала стави потпис на нов договор со Јуве.
„Се виде од првиот момент дека момчето поседува огромен квалитет и талент. За разлика од повеќето Јужноамериканци, тој беше мирен, повлечен, немаше проблеми со однесувањето. Помисливме дека Зампарини е луд што го споредува со Меси, но кога излезе на теренот, сфативме за каков играч станува збор, не остави без зборови. Единствено што му престануваше е да се вклопи во италијанскиот фудбал и во нашата тактика, немав што повеќе да му понудам или да го научам, тој веќе ја имаше дарбата божја во своите нозе“ – изјави Џузепе Санино, кој тогаш беше на клупата на Палермо.
Поминаа пет години од грешката на Барселона. Го бараа минатото лето, ќе се обидат да го ангажираат и во овој преоден рок, но Дибала засега е далеку од портите на „Камп Ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА