Наспроти очекувањата на многумина, Британецот Даниел Дубоа го нокаутираше сонародникот Ентони Џошуа на „Вембли“ во Лондон и со тоа ја одбрани професионалната светска титула на ИБФ.
Олимпискиот шампион од Игрите во Лондон 2012 година и поранешен професионален шампион во верзиите ВБА, ИБФ и ВБО во два мандати беше апсолутен фаворит. Ретко кој не веруваше во победата на 34-годишниот Џошуа до самиот старт на борбата, а при влегувањето во рингот делуваше поконцентрирано од 27-годишниот ривал.
Сепак, 196 центиметри високиот Дубоа предизвика огромно изненадување и покажа супериорност над својот ривал од самиот почеток.
Популарниот „Динамит“ започна агресивно од првата рунда, во чиј финиш го собори Џошуа на подот. Во истиот ритам продолжи Дубоа и во втората рунда, а Еј Џеј повторно беше на подот на крајот од третата рунда.
Некако, поранешниот шампион се собра по нокдаун во четвртата рунда, го потресе Дубоа во петтата, но не многу подоцна тоа беше крајот за Џошуа. Неполна минута остана до крајот на тој дел од борбата кога судијата Маркус Мекдонел ја одбележа победата за Дубоа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА