Македонија и Русија ќе излезат денеска на мегдан во Каиро (15.30 часот), во битка која од овие две селекции ќе стигне до првата победа во главната фаза од СП 2021. Нашиот национален тим пред два дена убедливо загуби против Словенија, додека Русите беа поразени од домаќинот Египет. Станува збор за дуел на две селекции кои направија значително подмладување во составот за овој шампионато, во редовите на „зборнаја“ ги нема искусните „вардарци“ Дибиров и Калараш, но селекторот Петковиќ сепак состави добар колектив.
Најдобар доказ за тоа е победата на Словенија во првата фаза, резултат што им ја дава на руските ракометари фаворитската улога на денешниот дуел со Македонија. „Црвено-жолтите“ одиграа добри 20 минути со Словенија, но грешките во нападот придонесоа на крајот да биде претрпен двоцифрен пораз. Целта денеска е да се одиграат сите 60 минути во ритамот од тој старт против Словенија, доколку се успее во тоа Македонија би можела да се надева на позитивен резултат против рускиот национален тим.
„Мораме да се соочиме со реалноста, да работиме. Ќе боли една две години, битно е да направиме тим. И ќе биде и полошо пред да биде подобро. Овде видовме и научивме многу, се отвораат и добри работи, влегуваме во еден систем. Имаме пенал за пласман на ЕП. Тоа што ја победивме Швајцарија на гости е голема работа. Ќе мораме да оргaнизираме седум осум натпревари со врвни екипи за да го подигнеме нивото, тоа не немаме друг избор“, изјави селекторот Данило Брестовац, потенцирајќи дека во период на смена на генерации е неопходно да мине извесен период за воигрување на младите ракометари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА