Во “мечот на неделата“ во Лигата на шампионите, денеска (17.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“, Вардар го пречекува Рајн Некар Левен. Македонскиот и германскиот шампион се единствените две непоразени екипи во групата А од ЛШ, со тоа што вардарци имаат шест победи и едно реми, а „лавовите“ од Манхајм четири победи и три нерешени, со два бода помалку од Вардар. Денешната прва пресметка во Скопје и втората во следното коло, наредната недела во Манхајм, ќе бидат решавачки за разврската на врвот на табелата и ќе го дадат одговорот дали Вардар ќе ја задржи лидерската позиција на табелата која пак на крајот од групната фаза носи директен пласман во четвртфиналето од ЛШ. Раул Гонзалес се соочува со сериозен проблем откако Лука Циндриќ отпадна од комбинација за настап, а стратегот на „вардарци“ нема да може да смета ниту на бразилскиот пивот Мораеш, кој исто така е повреден.
Вардар и Рајн Некар Левен досега имаат одиграно шест меѓусебни натпревари во ЛШ, во кои четири пати победници биле „црвено-црните“. Македонскиот и греманскиот шампион играа меѓусебе и минатата сезона и тогаш билансот беше 1-1. Вардар победи во Германија (27-33), а „лавовите“ славеа во Скопје (26-29).
„Рајн Некар Левен е екипа која претходната сезона ни приреди непријатен пораз дома, откако ги победивме во Германија. Играат во топ-форма, имаат добри играчи и непријатна тактика „7 на 6“, но ако сакаме да го продолжиме она што го почнавме минатат година, ние мора да победуваме на сите натпревари до крај. Очекувам полна сала и добра атмосфера“ – изјави капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов, во пресрет на денешниот дуел со Рајн Некар Левен.
Германскиот тим во Скопје доаѓа по изненадувачкиот бундеслигашки пораз од Мелсунген (29-26) со кој се прекина фантастичната серија на „лавовите“ од 17 натпревари без пораз во сите натпреварувања. За избраниците на тренерот Николај Јакобсен овој пораз може да има повеќе отрезнувачки отколку разочарувачки ефект пред дуелот со Вардар кој, според изјавите, очекуваат да им биде најтешкиот во досеганиот тек на сезоната. Квалитетите на Вардар и „жешката“ атмосфера на скопскиот терен ја потенцираше и „првата виолина“ на Рајн Некар Левен, Енди Шмид, и македонскиот репрезентативец во германскиот состав, Филип Талески, кој денеска прв пат ќе биде во гостинска улога пред македонската публика.
„Сите знаеме добро што не чека во Скопје. Вардар е европски шампион и ја има најдобрата публика. Сите играчи знаат дека теренот на Вардар е „пеколен“. Така што, ова сигурно ќе биде многу тежок натпревар за нас“ – истакна Филип Талески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА