Неверојатен и епски натпревар ни донесоа екипите на актуелниот шампион Магдебург и ланскиот финалист Кјелце во четвртфиналето во ракометната Лига на шампиони кој на по изведување на пенали му припадна на Maгдебург. Откако во регуларните шеесет минути домаќините славеа со минимални 23-22 и со тоа го израмнија резултатот од првиот меч во кој Кјелце славеше со 27-26.
Гостите подобро го отворија натпреварот и брзо стигнаа до плус три (2-5). Домашниот тим само во еден момент имаше предност во првиот дел кога поведе со 10-9, но избраницте на Талант Дујшебаев со фуриозен финиш успеаја на пауза да заминат со плус два 11-13.
Во вториот дел добивме вистинска рововска битка на двете страни. Се играше буквално гол за гол, се до десет минути до крај кога домаќините за првпат стигнаа до плус два (21-19). Иако неверојатен на голот на гостите беше Волф кој одбрани дури четири пенали, сепак во последните две минути Магдебург влезе со позитива од 23-21.
Следеше погодок на Игор Карачиќ кој на една минута до крајот намали на 23-22. Волф го одбрани ударот на Дамгард, па Кјелце на 12 секунди до крајот тргна во напад за Ф4. Кјелце имаше чиста шанса за гол преку Каралек, но судиската двојка не им дозволи предност на гостите, по што стигна големо незадоволство во таборот на полскиот тим.
Натпреварот замина во изведување на пенали. По првите пет серии беше реми 3-3, откако иако Волф повторно беше неверојатен, пенали за гостите не реализираа поранешните вардарци Алекс Дујшебаев и Игор Карачиќ. Наи промаши во шестата серија, па Омар Игни Магнусен го одведе Магдебург во Келн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА