Дукати ја најде замената за Марк Маркез

Овогодишниот вицешампион во Супербајк, Николо Булега, ќе го замени Марк Маркез на последните две трки од сезоната, во Портимао и Валенсија.

Деветкратниот светски шампион ја заврши сезоната по инцидентот на Големата награда на Индонезија, во кој претрпе скршена клучна коска и оштетување на лигаментите. Дукати минатата недела потврди дека Маркез ќе го пропушти не само финалето на сезоната, туку и предсезонските тестови во Валенсија два дена по последната трка од сезоната.

Шпанецот беше заменет од тест-возачот Микеле Пиро на трките во Австралија и Малезија, а одлуката да му се даде шанса на Булега да дебитира беше донесена откако ги заврши тестовите во Херез оваа недела.

За Италијанецот, Големата награда на Португалија, која се одржува од 7. до 9. ноември, ќе биде негово деби во кралската класа, бидејќи имаше вкупно 99 стартови во пониските категории, со два подиума.

Се вчитува...