Дуња Иванова на Европското првенство во планински велосипедизам

Дуња Иванова ќе ја претставува Македонија на Европското првенство во планински велосипедизам Маратон, кое на 18. август ќе се одржи во Виборг, Данска.

Иванова ќе стартува во елитната женска сениорска категорија во конкуренција со најсилните европски велосипедистки. Дистанцата од 75 километри и 1800 метри висинско искачување која ја најавува организаторот, од возачите ќе бара подготвеност за брзи и технички козји патеки и прилагодување кон различни подлоги на теренот.

„Задоволство е да се почувствува свежина и подготвеност во Велосипедската федерација на Македонија за поддршка кон иницијативите на клубовите и нивните возачи, зашто токму оттаму потекнува и фундаментот за постоење на овој спорт воопшто. Со голема посветеност и низа сериозни настапи и резултати во Германија, Италија, Шпанија, Грција, Србија кои се зад нас како дел од оваа натпреварувачка сезона, сега нашиот фокус е кон натпреварот во Виборг. Посакуваме да имаме добар ден, малку среќа и успех за кој знаеме дека неминовно доаѓа како резултат на нашата посветеност“ – вели Љубиша Кондев, тренер и еден од основачите на ВК Енерџи.

Дуња Иванова е државен првак во планински велосипедизам, со бројни домашни и меѓународни подиуми. Македонскиот велосипедски спорт за првпат има свој претставник на Европско првенство во Маратон.

Се вчитува...