Даниел Дупјачанец и дефинитивно става крај на соработката со Металург и својата кариера ја продолжува во редовите на швајцарскиот првак Кадетен Шафхаузен. Искусниот чувар на мрежата лани импресионираше со извонредните настапи во ЛШ, кои придонесоа тој да биде и дел од македонската репрезентација на ЕП во Полска. Сепак, сезонава тој остана во сенка на одличниот Арсиќ, поради што реши да си замине, прифаќајќи ја понудата на Шафхаузен.
„Трансферот е договорен уште пред извесно време, а јас в понеделник заминувам за Швајцарија. Ми се укажува шанса да настапувам за квалитетен тим во странство, Шафхаузен ме бараше и минатата сезона, но имав договор со Металург и бев среќен во Скопје. Сезонава не добив шанса каква што посакував, на нив им се повреди првиот голман, па на обострано задоволство преговорите се реактивираа. Брзо се договоривме и навистина сум среќен што ќе можам да играм за еден ваков тим. Жал ми е единствено што немам право за настап во ЛШ бидејќи со Металург веќе бев дел од елитното европско натпреварување сезонава“ – истакнува Дупјачанец.
Тој има само најпозитивни зборови за Металург, откако минатата сезона доживеа „втора ракометна младост“ на голот на тимот предводен од Лино Червар.
„Во Металург ги доживеав најубавите моменти во кариерата, ме издигна во професионална смисла. Во овој клуб научив многу работи, како од професионален, така и од човечки аспект, многу ќе ми недостига таа атмосфера, ќе ми фалат тренинзите со Мисовски. Му посакувам на Металург многу успеси, да се врати на славните патеки, за овој клуб секогаш ќе има посебен дел во моето срце“ – емотивен е Даниел Дупјачанец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА