Шведскиот репрезентативец со турско потекло Џими Дурмаз е соочен со смртни закани од фановите во својата земја, откако го направи кобниот фаул по кој Тони Крос во 95.минута го постигна победничкиот гол за Германија на синоќешниот дуел против Шведска (2-1). Како што информира „Афтонбладет“, на фотографијата која ја споделил Дурмаз, има околу 3.000 коментари, воглавно негативни, а голем дел од нив се расистички, па дури и со закани по неговиот живот.
„Коментарите против Дурмаз се бесмислени. Додека беше на теренот тој даде се од себе, впрочем како и сите шведски репрезентативци. Го направи тој несреќен прекршок, и тоа заврши со гол за Германија, но Дурмаз сакаше се најдобро, бидете сигурни“, прокоментира шведскиот напаѓач Џон Гвидети.
Џими Дурмаз им се заблагодари на соиграчите за поддршката и вели дека не е загрижен поради коментарите.
„Цел живот се соочувам со вакви коментари. Важен е само успехот на тимот“, изјави Дурмаз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА