Дуро пред Будуќност: Играме со ривал со традиција, но важиме за фаворити

Тренерот на Струга ТЛ, Шпетим Дуро, не бега од фаворитската улога на својот тим на претстојниот натпревар против Будуќност во рамките од Конференциската лига на УЕФА.

Стружани се уште не можат да го преболат несреќниот пораз од Жалгирис по оние два примени гола за помалку од пет минути, што значеше елиминација од квалификациите за ЛШ, но добрата форма на екипата е најава за позитивен резултат против Будуќност.

„Физички гледано немавме никакви проблеми со Жалгирис, но во последните денови работевме на психолошки план за да ја надминеме кризата и разочарувањето по оние два несреќни гола на Жалгирис и нашата елиминација од ЛШ. Верувам дека го оставивме тоа зад нас и целосно фокусирани ќе влеземе во мечот со Будуќност, ривал што го респектираме бидејќи станува збор за екипа со богата традиција од црногорскиот фудбал, тим што има одиграно стотици меѓународни натпревари. Мило ми е што Струга, иако млад клуб, по двата квалитетни меча со Жалгирис сега важи за фаворит против ривал како што е Будуќност“, изјави Дуро на денешната прес-конференција.

Првиот дуел од двомечот меѓу Струга ТЛ и Будуќност се игра утре со почеток во 17 часот на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Се вчитува...