Дуро: Струга ТЛ е заслужено прва, на секој натпревар треба напорно да работиме за бодови

Фудбалерите на Струга Трим Лум се на заслужен одмор, после освоеното прво место во есенскиот дел од сезоната, и како првопласирани ќе ја започнат одбраната на титулата во пролетниот дел.

Тренерот Шпетим Дуро е задоволен од постигнатото во есенскиот дел од сезоната. Вели дека европските натпревари ја земале енергијата на играчите на поединечни натпревари, и дека тимот можеби ќе имал повеќе бодови да не биле тие европски предизвици.

„Епитетот есенски првак психолошки позитивно влијае на остатокот од првенството. Нашиот тим има подобри параметри од Шкупи и Шкендија, и ова покажува дека заслужено сме први каде во есенскиот дел од сезоната одигравме 27 натпревари“, рече Дуро и надополни.

„Сите натпревари имаат свое значење, и треба на секој меч напорно да работиме за да освојуваме бодови. Би ја издвоил победата над Шкендија во првенството, каде настапивме без пола тим. Загрижен сум за натпреварот со Исланѓаните, бидејќи бевме принудени да играме првенство два дена пред овој меч. Да бевме посвежи, ќе беше поинаку. Но, мислам дека Струга ТЛ го направи македонскиот фудбал горд“, изјави Дуро.

Тој кажа дека Шкупи и Шкендија и натаму ќе бидат ривали на Струга ТЛ во титулата.

„Очекувам тие два тима да ни бидат ривали. Во првиот дел од сезоната го искористија тоа што ние имавме повеќе натпревари од нив, но повторно сме први и се надевам дека таму ќе завршиме. Очекувам битка на овие три тима за титулата“, изјви Дуро кој околу составот, кажа дека во зимскиот преоден рок ќе се носат нови играчи само доколку некој од оваа екипа си замине.

Се вчитува...