Дуро: Жалгирис е фаворит, но фаворитите не победуваат секогаш

Македонскиот шампион Струга ТЛ утре од 18 часот во Вилнус против Жалгирис ќе го одигра првиот натпревар од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на Шампионите.

Во пресрет натпреварот за очекувањата говореше тренерот на стружани Шпетим Дуро кој не го криеше задоволството што тимот бележи историски момент со прв настап во квалификациите за најсилното фудбалско натпреварување, а благата фаворитска улога им ја препиша на Литванците.

„Со нетрпение ја очекуваме оваа средба. Ова е историски момент за Струга ТЛ, Ние сме горди што утре ќе играме во квалификациите во Лигата на Шампионите. Ние сме клуб кој е формиран пред 8 години и ова е големо достигнување за нас во Струга ТЛ, за градот.

Реално Жалгирис е фаворит на хартија, и тоа поради искуството на играње на вакви мечеви во квалификациите во Лигата на Шампионите и воопшто на европските натпревари. Сепак и ние сме, тимот на Струга Трим Лум, добар тим со искусни играчи. Секако дека и ние си имаме свој квалитет и свои можности. Се знае дека не секогаш во фудбалот не победува фаворитот. Треба да се одиграат два натпревари и јасно е дека ние имаме свои шанси за пласман понатаму.

Теренот со вештачка трева му дава одредена предноста на домашниот состав, но и ние трениравме во текот на изминатите денови на сличен терен. Како и да се заврши утрешниот меч нема ништо да реши, утре не завршува овој двомеч. Да кажам дека не сакавме ништо да менуваме во однос на барањето на Жалгирис, како што се падна на ждрепката така сакавме да играме, тоа го почитуваме“, вели Дуро.

Се вчитува...