Легендарниот тренер, Душан Ивковиќ се прости од кошарката на во друштво со најголемите европски ѕвезди во овој спорт. Во салата „Мир и пријателство“ во Атина беше одигран хуманитарен натпревар меѓу Олимпијакос и тимот на „ѕвездите на Дуда“.
За тимот што од клупата за последен пат го предводеше Душан Ивковиќ настапи и македонскиот ас, Перо Антиќ, заедно со Милош Теодосиќ, Никос Зизис, Богдан Богдановиќ, Чеди Осман, Никола Калиниќ, Дарио Шариќ, Виктор Хријапа, Костас Слукас, Кајл Хајнс и Бобан Марјановиќ.
На натпреварот присуствуваа и многу познати имиња од светот на кошарката сегашни тренери и поранешни играчи што ги предводел Ивковиќ, како Саша Ѓорѓевиќ, Јуре Здовц, Дино Раѓа, Жарко Паспаљ, предраг Даниловиќ, Зоран Чутура… а, покрај теренот беа и Жељко Обрадовиќ, Новак Ѓоковиќ и уште многу врвни спортски имиња.
Публиката со голем аплауз го поздрави Ивковиќ кога се појави на терен и засатна на ценатрот каде му се придружија Панајотис Фасулас и Василис Спанулис носејќи ги двата најголеми клупски трофеи што ги освои легендарниот тренер – шампионските пехари од Евролигата во 1997 и 2012 година.
Претседателот на Евролигата, Џорди Бартомеу на Ивковиќ му го врачи признанието „легенда на Евролигата“ со што Србинот стана прв тренер што ја добил оваа награда.
На една минута пред крај, сегашниот тренер на Олимпијакос, јанис Сферопулос, побара тајм-аут и местото на клупата на грчкиот тим му го предаде на Ивковиќ што предизвика воодушевување кај публиката во салата во Атина. Натпреварот симболично заврши 28 секунди пред крај, што е бројот на трофеи што ги освоил Душан Ивковиќ во својата кариера. На крај, победи „тимот на ѕвездите“ со 111-103.
А, Ивковиќ со топка во рацете го напушти теренот и им се заблагодари на своите пријатели за спектакуларното испраќање.
„Драги пријатели, ви благодарам што дојдовте и на се што сторивте за мене. Без вас ништо не би било можно“ – рече Ивковиќ.
Во својата богата кариера, Душан Ивковиќ водеше повеќе клубови, два пати ја освојуваше Евролигата (1997 и 2012), еднаш Еврокупот (2006), европскиот куп „Радивој Корач“ (1976) и Куп Сапорто (2000) Беше селектор на репрезентацијата на Југославија од 1987 до 1995 година, а на клупата на Србија седеше од 2008 до 2013 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА