Тренерот на Кјелце и до минатата недела селектор на Полска, Талант Душебаев, селекторската кариера може да ја продолжи на клупата на Тунис. Туниските медиуми денеска обелоденија дека Душебаев наскоро треба да ја преземе репрезентацијата на Тунис, а асистент ќе му биде поранешниот туниски репрезентативец, Валид Бен Амор кој осум години играше во АСОБАЛ лигата и треба да му помогне на Шпанецот во надминување на јазичната бариера. Ангажманот на Душебаев на клупата на Тунис деновиве треба да добие формално одобрение од туниското Министрество за млади и спорт. Душебаев на клупата на Тунис треба да дојде на местото на Хафед Зуаби кој во февруари доби отказа по разочарувачкиот настап на СП во Франција.
Талант Душебаев во изминативе неколку години имаше две неуспешни селекторски авантури, прво со репрезентацијата на Унгарија, а потоа и со селекцијата на Полска. По трите порази на Полјаците во квалификациите за ЕП 2018 година, Душебаев си поднесе оставка. А, следен предизвик може да му биде репрезентацијата на Тунис.
Меѓу кандидатите за наследник на Душебаев на клупата на Полска, според полските медиуми е и поранешниот селектор на Македонија, Ивица Обрван.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА