ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски, Игор Паневски
Вардар е максимално мотивиран за да испише историја на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, што викендов ќе се одржува во Келн. Во своите редови го имаат официјално најдобриот десен бек во ЛШ оваа сезона, Алекс Душебајев, кој сака со голем трофеј да се прости од клубот, со оглед дека се сели во редовите на Кјелце.
„Дојдовме до завршницата, и тука треба да го покажеме најдоброто од Вардар. Имаме силен противник, Барселона е искусен тим, тие знаат како е да се игра на Ф4 во Келн, го имаат освоено и трофејот. Но, ние сме максимално мотивирани за успех, и ќе треба да дадеме 120% од своите можности за да ја совладаме Барселона. Мислам дека одбраната ќе решава, но исто така и нападот мора да биде на високо ниво. Во нивниот тим има огромен број искусни ракометари, имаат одлични голмани, но мислам дека пред се треба да ги сопреме нивните „бомбардери“ од далечина, Кире Лазаров и Ваел Жалуз“, истакнува Душебајев.
Тој добил совет и од својот татко, Талант Душебајев, кој знае како се освојува пехарот во ЛШ.
„Овој Ф4 турнир е едно големо шоу. Но, се друго е пропратна работа, а ракометарите најдоброто треба да го покажат на теренот. Мора да се задржи концентрацијата за најважното, за ракометниот мегдан на теренот“, дополни Душебајев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА