Алекс Душебајев со пет гола од вкупно шест обиди беше меѓу најзаслужните за победа на Шпанија над Македонија. Десниот бек на Вардар имаше само пофални зборови за играта на „црвено-жолтите“, особено за нападот „седум на шест“ со кој нашите репрезентативци создадоа огромни проблеми на една од најдобрите одбрани во Европа.
„Првпат имавме проблеми со одбрана против „седум на шест“. Во вториот дел подобро си ја завршивме работата, кога играме добра одбрана ние секогаш даваме и лесни голови од контранапади, тоа се потврди и денеска. Тоа беше една од клучните причини за нашата победа“ – изјави Душебајев.
„Вардарецот“ имаше можност на овој мундијал да игра и против Исланд и против Македонија, а прогнозата во пресрет на нашиот утрешен решавачки натпревар му е дека „црвено-жолтите“ ќе слават.
„Играјте како против нас и ќе го победите Исланд. Нападот „седум на шест“ го играте навистина беспрекорно, а тоа е многу тешко да се брани. Ако не дадете гол, враќајте се што побрзо назад бидејќи Исланѓаните се многу брзи. Сигурно ќе биде неизвесен натпревар, но верувам дека ако игра како што знае Македонија ќе се радува на крајот“ – истакнува Алекс Душебајев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА