Душебајев: Циндриќ ќе игра против Вардар

Кјелце ќе биде значително засилен за мега-пресметката со Вардар во Скопје откако Лука Циндриќ ги надмина проблемите со повредата и му се стави на располагање на тренерот Талант Душебајев. Хрватот се повреди на дуелот со Брест Мешков, иако беше најавено дека тој ќе биде во тимот на последниот меч со Барселона, Циндриќ сепак не се појави на теренот, но неговата состојба секојдневно значително се подобрува.

„Шансите за настап на Циндриќ против Вардар се многу големи. Нема да го ризикуваме на следниот меч од полското првенство бидејќи мечот в сабота во Скопје е како финале за нас. Се бориме за второто место во групата и помошта на Циндриќ на тој натпревар ќе ни биде значајна“ – изјави тренерот Душебајев.

Марко Мамиќ поради повреда ќе го пропушти и овој натпревар, исто како и капитенот Јурецки.

„Кулеш ќе добие поголема минутажа на лев бек, каде го имаме и Дани Душебајев. Целта ми е Алекс почесто да биде десен бек бидејќи ќе го имаме Лука Циндриќ на средината“ – открива тренерот на Кјелце.

Полскиот првак моментно има еден бод повеќе од Вардар во трката за второто место на табелата. Во првиот меѓусебен дуел на овие две екипи Кјелце пред своите гледачи го совлада македонскиот првак со 31-27.

Се вчитува...