Душко Ивановиќ е свесен за предизвикот што го носи новата сезона за Црвена Звезда, особено откако „црвено-белите“ сериозно инвестираа во играчкиот кадар носејќи бројни врвни засилувања на сите позиции во тимот.
Целта е јасна – враќање на тронот во АБА-лигата, но и атак на место во разигрувањето во Евролигата, предизвик што нема да биде нималку лесен. Кога ќе се донесат толку многу нови играчи, нормално е да постои сериозна опасност, особено на стартот од сезоната додека тимот не е максимално воигран.
„Навистина купивме добри играчи летово, но тоа не значи дека ќе бидеме добар тим. Потребно ни е време, да влеземе во ритам, да се навикнеме едни на други, но мислам дека покажавме дека се наоѓаме на добар пат. Наскоро следи почетокот, верувам дека ќе се покажеме во добро светло“, изјави Ивановиќ.
Тој поседува извонреден напаѓачки потенцијал пред се на бековската позиција (Теодосиќ, Недовиќ, Нејпир, Јаго…), но Ивановиќ испрати јасна порака до сите кошаркари на Црвена Звезда – трофеи се освојуваат со добра одбрана.
„Ако се сака до пехари, мора да се игра добра одбрана. И веќе им кажав на сите – ќе мораат да играат одбрана. Бидејќи одбраната е прашање на волја, не на знаење. Не станува збор дали знаеш или не знаеш, туку дали сакаш или не. А сите ќе мораат да сакаат“, порача стратегот на „црвено-белите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА