Скопските клубови Металург и Вардар повеќе од десет години доминираат на македонската ракометна сцена, но тоа наскоро би можело да се промени, по се погласните најави дека во Битола ќе се создава дрим-тим, и тоа со фузија на двата актуелни суперлигаши, Работник и Пелистер. На оваа тема се шпекулира веќе неколку месеци наназад, но последните информации велат дека и кај двата клуба во последните денови е зголемена решителноста за создавање на гигант во Битола, кој би го носел името Пелистер Еурофарм.
Во ситуација кога Металург од година во година е се послаб, а најавено е сериозно намалување на буџетот и на Вардар, јасно е зошто битолчани стануваат многу сериозни за финиширање на преговорите и враќање на ракометниот трофеј назад во овој град. Силјан Мицевски, кој своевремено беше прв човек на Пелистер, а сега е предводник на проектот Еурофарм Работник, би застанал на чело на фузираниот колектив. Доколку најавите се реализираат во следните триесетина дена, овој сериозен проект речиси сигурно би добил и покана за учество во СЕХА-лигата.
Неофицијално, веќе е стапено во контакт со неколку македонски интернационалци кои настапуваат во странство, а битолчани сакаат да ги вратат назад во мак-ракометот. Со избирање на најдоброто од двата тима, надополнето со мал број на странци и неколку повратници од интернационалците, јасно е дека овој клуб би поседувал и квалитет и искуство, за со поддршка на секогаш верните битолски фанови да се бори за шампионскиот трофеј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА