Милан планира дополнително да го засили нападот во текот на јануарскиот преоден рок, но лимитираниот буџет на „росонерите“ придонесува овој клуб да мора најпрвин да продава играчи, пред да може да тргне во офанзива по нов потпис. Италијанските медиуми најавуваат дека Милан на почетокот од јануари ќе остане без двајца фудбалери од актуелниот играчки кадар. Лука Јовиќ е на излезна врата и се бара начин да се прекине договорот за позајмица од Фиорентина, што ќе се случи откако „виолетовите“ ќе најдат нов купец што би го довел Србинот во своите редови (се најавува трансферот во Локомотива Москва).
Милан нема да добие отштета од Јовиќ, но ќе отвори место во буџетот за плати за да може да ангажира нов играч во навалната линија. Покрај српскиот напаѓач, на излезна врата се наоѓа и Круниќ. За репрезентативецот на БиХ летово се интересираше Фенербахче, двете страни не најдоа заеднички јазик околу отштетата, но „росонерите“ се подготвени сега да ја спуштат цената и да прифатат 12 милиони евра за Круниќ кариерата да ја продолжи во Турција.
Ако овие две опции успеат, „росонерите“ ќе имаат доволно средства во буџетот за да тргнат по Џонатан Дејвид од Лил. Канадскиот голгетер се наоѓа на врвот на листата со желби на тренерот Пиоли, а во прилог на Милан оди фактот дека неговата вредност значително опаѓа. Лил пред една година бараше 60 милиони евра за Дејвид, сега вредноста на овој играч изнесува под 40 милиони, а Лил е подготвен дури да прифати и шестмесечна позајмица, но само ако има клаузула за задолжителен откуп за наредното лето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

