Двајца нови асови откажаа за СП поради коронавирус

На една седмица пред почетокот на СП во Египет, се поголеми се проблемите со кои се соочуваат селекторите поради новото ширење на коронавирусот. Денешниот ден донесе две нови откажувања, така што Данска и Тунис останаа ослабени за претстојниот светски шампионат.

Данците ќе мораат да се снаоѓаат без Хенрик Тофт Хансен, пивотот на ПСЖ денеска го доби позитивниот тест и ќе мора да остане во самоизолација. Искусниот пивот има големо значење и во одбраната на данскиот национален тим, па селекторот Јакобсен сега ќе мора да подготви нови „експеримент“. На негово место веќе е повикан Бенџамин Јакобсен од Алборг.

Тунис нема да може да смета на својот најдобар стрелец, десниот бек Амин Банур, кој беше позитивен на последното тестирање. Асот на Динамо Букурешт дефинитивно отпаѓа за СП 2021, а наместо него повикан беше Ашраф Мергли, кој настапува во Саудиска Арабија.

Во текот на вчерашниот ден позитивен беше и Швеѓанецот Антон Линдског, поради што беше одложен и квалификацискиот меч меѓу Шведска и Црна Гора што требаше да се игра денеска.

Без значаен адут остана и Унгарија, откако главниот дефанзивец Патрик Лигетвари исто така беше позитивен на коронавирус и отпадна од комбинација за настап на СП во Египет.

Се вчитува...