Макс Ферстапен не престанува да победува сезонава во Формула 1 и со самото тоа да урива нови рекорди. Со 14 победа сезонава која ја освои на трката за големата награда на Мексико, младиот Холанѓанец урна уште два нови рекорди кои може дополнително да ги подобри до крајот на сезоната.
Тој досега во своја сопственост има дури дванаесет рекорди во најбрзиот циркуз во светот…
Најмлад возач кој бил дел од Гран-при викенд во Формула 1 (ГН Јапонија 2014) – 17 години и 3 дена
Ферстапен испиша историја на првиот слободен тренинг за Големата награда на Јапонија во 2014 година кога настапи во болидот на Торо Росо, а со добриот настап ја оправда довербата која му беше дадена од екипата, а потоа настапи на уште два слободни тренинзи во САД и Бразил.
Најмлад возач кој стартувал трка во Формула 1 (ГН Австралија 2015) – 17 години и 166 дена
Иако Ред Бул беше критикуван што на така млад возач му дава шанса во улога на редовен возач во Торо Росо, тоа се покажа како храбра, но и исправна одлука. Квалификацискиот двобој го изгуби од колегата Карлос Сајнц, а во трката се откажа.
Најмлад освојувач на бодови во трка во Формула 1 (ГН Малезија 2015) – 17 години и 180 дена
Ферстапен на втората трка во својата кариера продолжи да ги урива рекордите. Заврши на седмата позиција и со тоа стана најмлад возач кој освоил бодови во историјата. Со тоа го урна рекордот на Квјат.
Најмлад освојувач на победнички пиедестал, најмлад победник и најмлад возач кој бил во водство на една трка (ГН Шпанија 2016) – 18 години и 228 дена
По лошиот старт на Квјат на сезоната, Ред Бул повлече радикален потег и Ферстапен го префрли од Торо Росо во Ред Бул, а Холанѓанецот уште еднаш не разочара. Го искористи сударот на двата болида на Мерцедес на Хамилтон и Розберг во првиот круг и му одолеа на големиот притисок на Раиконен на патот према првиот пиедестал, првата победа и првото водство во една трка, притоа поставувајќи три рекорди во една трка.
Најмлад освојувач на најбрз круг (ГН Бразил 2016) 19 години и 44 дена
Ферстапен воодушеви во дождовни услови на Интерлагос откако падна на 16. место по промената на пневматиците на 16 кругови до крајот. Сепак, успеа да се пробие до третото место и да го извози првиот најбрз круг во кариерата.
Најмлад освојувач на гренд-челем (пол-позиција, победа, најбрз круг и водство во сите кругови од трката) (ГН Австрија 2021) – 23 години и 277 дена
Во вистински доминантен настап во Австрија, на домашната трка на Ред Бул, Ферстапен го оствари својот прв гренд-челем во кариерата, а во 2022 година на Имола оствари уште еден. Најмногу има Џим Кларк (8).
Најмногу пидестали во сезона (18 – 2021)
Во неверојатната борба за титулата со Луис Хамилтон, Ферстапен дури на 18 од 22 трки заврши на победничкиот пиедестал. Оваа година може да го изедначи тој учинок доколку во последните две трки во сезоната заврши на пиедестал.
Најмногу победи во сезона (14 – 2022)
Во сезоната која не почна идеално со две откажувања во првите три трки, Ферстапен и Ред Бул одлично одговорија на притисокот на Ферари и сезоната ја претворија во вистинска доминација. Ферстапен во Мексико стигна до 14. рекордна победа и го урна рекордот на Шумахер (2004) и Фетел (2013) од 13 победи. Тој рекорд Ферстапен може да го поправи на последните две трки во сезоната и да дојде до 16 победи.
Најмногу бодови во сезона (416 – 2022)
Ферстапен нов рекорд постави на две трки пред крајот на сезоната и со тоа го урна рекордот на Луис Хамилтон од 2019 година кога Британецот во 21 трка освои 413 бодови. Секако и овој рекорд Холанѓанецот може да го поправи на последните две трки.
Најмногу победи пред првата пол-позиција (7)
На првата пол-позиција Ферстапен долго чекаше, а во 2018 пропушти добра шанса за тоа во Монако и Мексико каде неговиот клупски колега освојуваше пол и го спречуваше Ферстапен да стане најмладиот во таа категорија. Холанѓанецот првата пол-позиција ја освои во 2019 година во Унгарија каде ги победи двајцата возачи на Мерцедес, Луис Хамилтон и Валтери Ботас, а претходно веќе беше седумкратен победник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА