Две битки на „џиновите“ – влогот е место во финалето на ЕП 2024

Се е подготвено за самата завршница на ЕВРО 2024, ракометниот европски шампионат кој донесе многу интересни натпревари, но вистинските возбудувања допрва следат, почнувајќи од денешните полуфинални пресметки кои ќе решат кои две селекции ќе се најдат во големото финале.

Полуфиналната програма во 17.45 часот ќе ја отворат бранителот на трофејот Шведска и олимпискиот шампион Франција, дуел што ќе го судат македонските арбитри Ѓорѓи Начевки и Славе Николов. Французите секогаш се меѓу главните фаворити на големите натпреварувања, но треба да се истакне дека на европските шампионати немаат стигнато до злато уште од 2014 година. „Триколорите“ беа поразени на последните две полуфинални средби на ЕП, вклучувајќи го тука и последниот шампионат кога загубија томку од Шведска. Она што е интересно, Швеѓаните веќе имаат два пораза на овој шампионат (од Данска и од Норвешка), додека Франција е единствената селекција без пораз на досегашниот дел од ЕП, со само едно реми (против Швајцарија во првата фаза).

„Мислам дека ова ќе биде меч со силни одбрани и одлични голмани. Шведска игра одлична 6-0 зона, опасни се од контранападите. Многу често кога губиме, тие постигнуваат многу голови по наши грешки, па треба да се обидеме да го лимитираме тоа на минимум во ова полуфинале“, изјави Лука Карабатиќ.

Во второто полуфинале со почеток во 20.30 часот домаќинот Германија ќе го предизвика светскиот првак Данска, кој играше извонреден ракомет се до последното коло кога неочекувано претрпе убедлив пораз од Норвешка, но тоа беше меч без никакво резултатско значење за избраниците на Јакобсен.

Германија игра топло-ладно на шампионатот и со само пет пренесени бода стана првиот тим што со така слаб ефект во главната фаза успеал да стигне до полуфиналето. За да стигнат со успех, домаќините ќе мора да го имаат голманот Волф во топ-форма, како одговор за атомскиот напад на Данска предводен од Гидсел.

Традицијата вели дека Данска славеле на последните четири пресметки со Германија, од кои последните две со убедливи седум гола предност (28-21 и 30-23), но јасно е дека Германците на свој терен ќе дадат се од себе за да го земат скалпот на светскиот шампион.

Се вчитува...