Возбудувањата во кошаркарскиот Куп на Македонија „Благој Георгиевски Буштур“ продолжуваат со денешната полуфинална програма, во која најпрвин во реприза на ланското финале ќе се сретнат МЗТ Скопје и ТФТ (17 часот), по што ќе следи и дуелот меѓу Феникс и Пелистер (19.30 часот).
ТФТ се испоти за победа во четвртфиналето над Работнички за разлика од „металците“ кои рутински стигнаа до својот триумф над Кожув, па и нешто поодморени ќе влезат во денешното полуфинале. МЗТ лани беше шокиран во големото финале токму од ТФТ, па јасно е дека актуелниот првак ќе има мотив повеќе за да стигне до позитивен резултат како дел од атакот на нова двојна круна на македонската кошаркарска сцена.
Сепак, од таборот на клубот од Тафталиџе не ја кријат желбата и годинава исто како и лани да приредат сензација во дуелот со аеродромци.
„Минатата година сонувавме за чудо, па немој да мислите дека оваа година не го посакуваме повторно истото. Сакам и оваа година да се зборува дека ТФТ преку „вечните“ закажал дуел против Пелистер во финалето на Купот“ – изјави тренерот Боро Смилковски.
Во вториот полуфинален дуел со почеток во 19.30 часот силите ќе ги одмерат Пелистер и Феникс. Битолчани по два разочарувачки порази во четвртфиналето во претходните две години овојпат ја минаа првата пречка, но не кријат дека желба им е овојпат да стигнат и до големото финале. На патот им стои составот на Феникс, кој засилен со неколку поискусни кошаркари обезбеди прво полуфинале во клупската историја, па избраниците на тренерот Дервишевиќ максимално мотивирано ќе се борат и за прво финале во историјата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА