НБА лигата престојната сезона би можела да добие променет изглед по инсајдерските најави за заминување на две супер-ѕвезди од своите тимови. Станува збор за Џими Батлер и Донован Мичел.
Контроверзниот Батлер е лидер на Мајами од 2019 година, а и покрај тоа што успеа да го доведе својот тим до големото финале претходната сезона, оваа сезона Хит одигра слабо и беше елимиран во првата рунда од Источната конференција по што 34-годишниот влезе во конфликт со првиот човек на тим, Пет Рајли.
Рајли јавно му порача на Батлер да престане да го коментира плеј-офот кога не учествува во него со што сериозно се промени односот помеѓу раководството на тимот и кошаркарот кој има договор и за следните две години вреден 100 милиони евра.
Очекувањата се дека Батлер одново ќе ја промени средината и „победничкиот“ менталитет ќе треба да го предводи во нова франшиза, исто како и Донован Мичел кој не е задоволен од соиграчите кои го опкружуваат во Кливленд.
Дваесетиседумгодишникот оваа сезона успеа да ги „протне“ Кавс до конференциското полуфинале каде по вчерашната победа неговиот тим има скор од 1-1, но Кливленд нема тим кој сериозно може да конкурира за титула што претставува големо незадоволство за ѕвездата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА