Манчестер Јунајтед в недела му гостува на Ливерпул во меч во кој убедлив пораз би можел да значи отказ за Ерик тен Хаг, а холандскиот стратег на денешната прес-конференција објави две позитивни вести околу физичката подготвеност на дел од првотимците.
Лук Шо ќе биде подготвен за настап иако искусниот дефанзивец поради болка во мускулот прерано го заврши мечот со Баерн во ЛШ. Покрај Шо, Тен Хаг на располагање ќе го има и Маркус Рашфорд, откако голгетерот поради болест не настапи на последните две средби за „црвените ѓаволи“, во поразите од Борнмут и од Баерн.
„Шо се врати на тренинг, исто така и Рашфорд. Двајцата ќе бидат во комбинација и ќе можат да играат со Ливерпул. Хари Мегваер е во аут, истото важи и за Антони Марсијал“, изјави Тен Хаг.
Стратегот на Јунајтед на располагање ќе го нема ниту капитенот Бруно Фернандеш поради суспензија по жолтиот картон добиен во самиот финиш против Борнмут, како и претходно повредените Мартинез, Маласија, Кашемиро, Маунт и Ериксен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА