Огромната резултатска криза во МЗТ Скопје е причина за „ремонт“ во играчкиот кадар на овој тим, откако дел од кошаркарите не ги оправдаа засилувањата, па раководството и стручниот штаб се приморани на бројни промени помалку од два месеци по стартот на сезоната.
По ангажманите на Спасојевиќ и на Мавра, македонскиот првак денеска доведе уште едно квалитетно засилување. Станува збор за поранешниот кошаркар на Партизан, Ѓорѓе Мајсторовиќ, играч за чии услуги тренерот Тодоров се интересираше уште во текот на летово, но дури сега успеа да го доведе во своите редови. Мајсторовиќ подеднакво добро се снаоѓа на позициите „четири“ и „пет“ и сигурно ќе биде од огромна помош во битката под обрачите, каде МЗТ имаше огромни проблеми во текот на сезонава.
Трансферот на Мајсторовиќ денеска беше официјализиран од страна на македонскиот шампион, а ЕКИПА дознава дека во најскоро време МЗТ ќе има уште еден квалитетен кошаркар во своите редови. Станува збор за црногорскиот репрезентативец Никола Павличевиќ, кој летово настапуваше за својата репрезентација на Евробаскет 2017, во просек бележејќи по 7,7 поени и три асистенции по натпревар. Павличевиќ ланската сезона ја мина во унгарски Шолнок, претходно има настапувано и за Унион Олимпија, Сутјеска и Ловќен, a неговиот ангажман би претставувал решение за плејмејкерската позиција, на која Американецот Гарсија не ги оправда очекувањата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА