Две нови повреди во Баерн Минхен

Репрезентативната пауза донесе нови проблеми за Томас Тухел откако двајца фудбалери заработија повреди и ќе мора да отсуствуваат извесно време од фудбалските терени.

Мануел Нојер требаше да ја предводи германската репрезентација на пријателскиот меч со Франција, но искусниот голман се пожали на болка во мускулот. Првите прегледи покажаа дека повредата не е нималку наивна, по што Нојер доби зелено светло од селекторот Нагелсман да се врати назад во Минхен, на детални прегледи по што ќе биде јасно колку ќе изнесува неговата пауза од терените.

Повреда заработи и новото засилување Саша Бои, кој според германските медиуми ќе мора да паузира најмалку три седмици. Новиот десен бек, кој во јануари пристигна од Галатасарај, нема среќа со повредите, веднаш по трансферот мораше да паузира дваесетина дена, а сега заработи нова повреда по која нема да му биде на располагање на Томас Тухел.

Баерн во првиот меч по репрезентативната пауза на 30 март ќе го игра големото дерби на домашен терен со Борусија Дортмунд, а за 9 април е закажано гостувањето против Арсенал во четвртфиналето од Лигата на Шампионите.

Се вчитува...