Две повреди: Барса скапо ја плати „војната“ со Атлетико

Барселона за малку не успеа да ја исполни „невозможната мисија“ во полуфиналето од Копа дел реј, во кое каталонците бркаа четири гола негатива од првиот меч со Атлетико, а синоќешниот реванш го добија „само“ со 3-0.

Покрај елиминацијата од ова натпреварување, уште поголем проблем за тренерот Флик се повредите на двајцата бекови, Жил Кунде и Алехандро Балде. Кунде беше стартер на десната бековска позиција, но по десетина минути игра се пожали на повреда на мускулот и мораше да биде заменет, при што во игра влезе токму Балде.

Сепак, ниту овој играч не го доврши мечот откако самиот заработи нова повреда на мускулот и мораше да биде заменет во второто полувреме.

Деталните лекарски прегледи извршени денеска покажаа дека повредите не се нималку наивни и двајцаа дефанзивци сигурно ќе отсуствуваат до крајот на месец март.

Ова значи дека Балде и Кунде нема да настапат на претстојниот двомеч од осминафиналето на ЛШ со Њукасл, а ќе пропуштат и низа важни средби во Ла Лига, против екипите на Атлетик Билбао, Севилја и Рајо Валјекано.

Се вчитува...