Легендарниот голман на Јувентус, Џанлуиџи Буфон го прифати повикот од привремениот селектор Луиџи Ди Биаџо за враќање во репрезентацијата за пријателските натпревари против Англија и Аргентина. Џиџи вели дека се враќа поради две причини, тој од секогаш бил пример за останатите репрезентативци, неговата улога во селекцијата е да ги обединува играчите, па сака да остави трага за последен пат.
„Јас сум човек кој треба да биде пример за останатите во репрезентацијата. Мојата улога во селекцијата од секогаш била да ги обединувам играчите, тоа е доволно за и натаму да бидам присутен тука. Всушност, како таков сакам да останам и запаметен, како елемент за обединување на тимот. Тука има многу млади играчи, некои од нив веќе пораснаа и станаа лидери на своите тимови, и во блиска иднина тие ќе треба да бидат носители на оваа селекција“, изјави Буфон.
Исто така, Буфон додаде дека неговото враќање е поради Давиде Астори, починатиот капитен на Фиорентина.
„Давиде е втората причина зошто го прифатив повикот. Поради него повторно ќе го носам репрезентативниот дрес“, додаде Буфон.
Се чинеше дека Буфон засекогаш се откажа од „аѕурите“ по елиминацијата од Шведска во бараж-двомечот за пласман на СП, но 40 годишниот чувар на мрежата одново ќе застане меѓу диреците да ја брани честа на неговата земја.
Италија на 23. март (петок) ќе ги одмери силите против светскиот вицешампион Аргентина, додека на 27. март (вторник), ќе се сретнат против старите ривали Анлгија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА