Претставниците на Манчестер Јунајтед отпатуваа во главниот град на Шпанија со амбиција да го купат еден од најзначајните фудбалери на Реал Мадрид, Касемиро, но откако експресно беа одбиени од страна на „кралскиот клуб“, завршија во градскиот ривал, Атлетико Мадрид за таму да ја добијат втората „шлаканица“.
Преговарачкиот тим на „црвените ѓаволи“ се сретнал со претстаници на „јорганџиите“ за можен трансфер на Жоао Феликс, но пораката од Атлетико била јасна и гласна – ни под разно, пренесува „Марка“.
Португалецот пристна на „Ванда Метрополитано“ како замена за Антоан Гризман во трансфер вреден 127 милиони евра, а и покрај тоа што не успеа да се наметне во концептот на Диего Симеоне, останува во плановите на Атлетико Мадрид со кој има договор до 2026 година.
За Манчестер Јунајтед тоа е ново „извисување“ во Шпанија откако претходно во летото не доби позитивен одговор од фудбалерот на Барселона, Френки де Јонг и покрај тоа што шпанскиот и англискиот клуб ги договорија условите за трансфер.
Внатрешните проблемите продолжуваат да го пустошат тимот. На почетокот на сезоната Јунајтед забележа два порази во Премиерлигата, а продолжува и трансфер сагата со Кристијано Роналдо кој неодамна изјави дека ќе проговори за целата ситуација во интервју во следните недели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

