Две супер-пресметки во Втората лига – Исток денеска на програмата во 9. коло. Кавадаречки Тиквеш носејќи ја фаворитската улога одбраната на врвот ја има на домашен терен во Кавадарци против струмичка Беласица, додека Брегалница во Штип, но од 18 часот, го пречекува Кожуф.
Во таборот на Тиквеш оптимистички се расположени во очекување на дуелот со Беласица и покрај претходното реми со Победа. Сега силно веруваат дека ќе се вратат на победите со поддршка и од своите навивачи.
Фудбалерите на Кит Го, пак, ги очекува пресметката со прилепска Победа. Шефот на стручниот штаб Емил Грнев е задоволен од формата на тимот на последните натпревари посакувајќи сето тоа да се надогради во иднина до крајот на есенскиот дел од шампионатот.
„Формата на екипата оди во нагорна линија. Да бидам искрен, можеби резултатите требаше да дојдат и порано, но мислам дека и сега на време фаќаме приклучок за горниот дел од табелата. Очекувам и далеку подобро игри наредниот период и подобрена реализација, затоа што тоа што го работиме на тренинзите играчите го препознаваат и применуваат на натпреварите“ – вели Грнев.
Што се однесува до натпреварот со Победа….
„Максимално се подготвувавме за натпреварот со прилепчани. Досегашниот дел од првенството покажа дека нема лесни противници, и на секој натпревар мора да се пристапува максимално дисциплинирано. Ја анализиравме и екипата на Победа која претставува цврста екипа, спој на искуство и младост, и сето тоа го покажа и на дуелот со Тиквеш. Но, ние одиме секако на победа со многу борба и желба на теренот. Ако одиграме согласно договореното верувам дека ќе дојдеме до трите бода“ -истакнува стратегот на Кит Го.
ВТОРА ЛИГА – ИСТОК (9. КОЛО, 14:30 ч.)
Кит Го – Победа
Тиквеш – Беласица
Брегалница – Кожуф (18 ч.)
Осогово – Каменица Саса
Питу Гули – Плачковица
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА