Работнички се уште е најтрофеен македонски кошаркарски колектив, но „центарци“ за жал мака мачот во обидот за консолидација, како на финансиски, така и на организациски план. За потсетување, „црвено-белите“ убедливо ги загубија првите две средби сезонава бидејќи поради големите долгови имаа забрана за да ги регистрираат новите странски засилувања.
Само за момент проблемот беше надминат, но „освежената листа“ на ФИБА открива дека Работнички повторно се наоѓа меѓу блокираните клубови за регистрација на нови играчи од страна на кошаркарскиот суд БАТ. Одлуката е донесена на 25 ноември, Работнички има две тужби што ќе мора да ги реши пред повторно да може да регистрира нови кошаркари. Проблемот е уште поголем ако се знае дека „центарци“ минатата седмица се разделија од двајцата клучни Американци, за среќа успеаја да го регистрираат Рикиќ пред забраната да стапи на сила, но фактот дека се блокирани трансферите за наредниот период уште повеќе ја компликува ситуацијата за тренерот Мирковски, и тоа во пресрет на големото дерби со МЗТ Скопје што е на програмата следното коло.

Покрај новата финансиска блокада, Работнички има проблем и со роковите за салата „Градски парк“ чие реновирање е во завршна фаза.
Во текот на политичката кампања слушнавме оптимистички најави дека салата ќе биде отворена за вечното дерби со МЗТ Скопје. Само што, еве го тој меч дојде на програмата, а повеќе од јасно е дека нема да се игра во овој спортски храм, туку Работнички пак ќе биде домаќин во СРЦ Кале.
Неофицијално, зеленото светло за „Градски парк“ не е така блиску, па реално е да се очекува Работнички да се врати „дома“ кон крајот на јануари или почетокот на февруари 2026.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

