„Двојна круна“ за ШК Алкалоид во годината кога се слави 45-годишниот јубилеј

Од 25 до 31 август во Охрид се одржа екипното првенство на Македонија во шах за жени, каде што со максимални 14 бода и 7 победи во 7 кола, славеа шахистките на ШК Алкалоид. Со ова, тие го повторија успехот на машкиот тим, кој претходно стигна до победничкиот пехар на турнирот во Струга, со што ги обединија титулите, па со „двојна круна„ го прославија 45-годишниот јубилеј од формирањето на клубот.

За прв пат мечевите во женската лига се играа на 4 табли, при што беше дадена можност за настап на максимум две странски шахистки во меч. Претходно се играа натпреварите од Втората лига, со кои беа определени новите прволигаши, па вкупно осум екипи настапија на овој турнир. Сите тимови ја искористија можноста за ангажман на странски играчи (само еден тим се одлучи за една шахистка од странство и три од Македонија), поради што натпреварите на првите две табли беа мошне изедначени, квалитетни, и придонесоа за имиџот на силен женски турнир. Тајната на успехот на „фармацевтките“ беше во успешниот настап на Моника Стојковска на третата табла (освои 6,5 бода во 7 партии), како и на Габриела Коскоска на четвртата табла (5,5 поени од 6 партии). Овие две шахистки со години се дел од екипата и на најдобар начин ја покажаа во пракса поддршката на клубот кон женскиот шах во Македонија.

За шампионскиот тим играа ИМ Екатерина Аталик од Турција, ИМ Ирина Булмага од Романија, а меѓу резервите се најдоа младинките Јана Анѓелкоска и Леа Ефтовска. Притоа, Јана Анѓелкоска дебитираше со победа во сениорската женска екипа во мечот против Гамбит, со што го трасираше патот за себе и другите млади шахистки кои се иднината на клубот.

Второто место на крајот им припадна на „Центар“ бидејќи во последното коло нивните противници од „Кисела Вода“ не се појавија, па така стигнаа до девет бода.

Женската екипа од ГШК „Неготино“ беше најпријатното изненадување бидејќи направи сензација по пласманот од Втората лига и со победата над „Центар“ беше фаворит за второто место, но последниот ден играа нерешено со Гостивар (2:2) и ја испуштија големата шанса и па со 8 бода завршија на третото место. Зад нив се Куманово со 7 бода, Прилеп со 5 бода, Кисела вода со 5 бода, а од лигата испаѓаат Гамбит и Гостивар кои собраа по 4 бода.
Следен турнир на македонската шаховска сцена е меѓународниот младински турнир „Езерска кралица“ во Струга од 8 до 12 септември.

Се вчитува...