Македонија го претрпе и четвртиот пораз на петтиот натпревар на СП 2021 откако нашата репрезентација попладнево загуби од Русија со убедливи 20-32. Повторно се соочивме со истите проблеми, долги периоди без постигнат гол во нападот, но и без максимална ангажираност во нападот, а Русија дури и подмладена знаеше како да го искористи тоа и да стигне до првата победа во главната фаза, воедно и најубедлив триумф на оваа селекција на мундијалот во Египет.
Средбата ја почнавме катастрофално, па по само 150 секунди игра резултатот веќе гласеше 0-3 за Русија. За среќа, Митревски влезе во ритам во серија интервенции и не дозволи негативата да се зголеми, за Кузмановски во шестата минута да го постигне првиот гол за нашиот национален тим на овој натпревар. Наместо будење, следеше нова „црна дупка“ во нашата игра, не искористивме две минути со играч повеќе, во серија промашувања влезе и капитенот Лазаров, па во 12. минута Русија веќе имаше водство од 1-7.
Стоилот ја прекина серијата на Русија, но немоќта во нападот беше огромна, Серафимов влезе во игра на местото на Лазаров, но ништо не се промени, а по лесниот гол од контранапад за 3-10 македонскиот селектор конечно го побара првиот тајмаут. Кузмановски беше единствениот што прикажа барем нешто во офанзива, постигнувајќи го третиот гол од исто толку обиди (4-10). Брестовац при 7-14 го уфрли и Томовски на местото на Митревски (имаше солидни пет одбрани во првите 22 минути). Русија во 28. минута стигна и до првата двоцифрена предност на мечот (8-18), а полувремето заврши со преубедливи 9-19 за противникот.
Второ полувреме го почнавме со далеку поцврста игра во одбраната, со што го оставивме противникот седум минути без постигнат гол. Во тој период ја намаливме негативата на 9-12, а треба да се истакне и црвениот картон што го заработи Косоротов, поради изведениот пенал директно во вратот на голманот Томовски. Сепак, Русија набрзо влезе во препознатливиот ритам во нападот, повторно почна да ја зголемува предноста, без оглед на фактот што селекторот Петковиќ одмори дел од стартерите во второто полувреме. На крајот резултатот гласеше 20-32 за Русија, за уште една потврда колку е далеку нашата репрезентација во моментов од некоја посериозна улога на големите натпреварувања.
Филип Кузмановски беше најдобар поединец во македонскиот национален тим со шест постигнати погодоци, четири гола постигна Серафимов, а по двапати прецизни беа Костески, Пешевски и Георгиевски.
Македонија в недела ќе го игра својот последен меч на овој шампионат, против селекцијата на Белорусија (15.30 часот).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА